Укинувањето на болничката партиципација ќе ги поскапи здравствените услуги. Ќе дојде до зголемување на листите на чекање за хируршки интервенции и од најавената реформа најмногу ќе профитираат приватните здравствени установи. Ова е епилогот од анализата на организацијата Хелтгрупер, која ги истражува состојбите во здравството во Југоисточна Европа. Велат дека пациентите ќе бидат принудени да чекаат подолго или, пак, да платат од џеб во приватни болници.
Експертите од оваа органзиација побараа од Владата и МЗ да ја преиспитаат одлуката за бесплатно болничко лекување, која според нивните анализи ќе има штетни последици по здравствениот систем. Им понудија на надлежните да им помогнат со детални анализи пред одлучат за мерката.
-Им благодариме на сите фондации и граѓански организации за нивните предлози, и уште еднаш да појасниме дека тоа е партиципација за болничко лекување и бенефитите од оваа мерка ќе ги почуствуваат граѓаните, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.
Од министерството за здравство објаснуваат дека оваа мерка е само за болничкото лекување и нема да има наплив од осигуреници бидејќи во болница лежат пациенти со индикација за тоа.
Воопшто не очекуваме реперкусија по листите на чекање. Истовремено, ова е вовед во натамошното реформирање на работата на Фондот за здравствено осигурување, велат од МЗ. Меѓутоа, не одговорија дали направиле детална анализа за оваа реформа, од каде секоја година ќе обезбедуваат пари и во која земја има ваков систем на бесплатно болничко лекување? Како и пациентите, така и експертите со став дека не ни требаат популизам туку издржани и испитани мерки за одржување а не крахирање на здравствениот систем.
Според најавите, бесплатното болничко лекување ќе стартува од први јануари 2019 и ќе го чини државниот буџет 7,6 милиони евра годишно.