Неделната тегоба или анксиозност е познат феномен кој веројатно ги погодува сите генерации на луѓе.

Нејзе ја чувствуваат и децата кои ги завршуваат домашните работи и се припремаат за училиште, а постарите размислуваат за работната недела која е пред нив и сите проблеми кои во петокот ги оставиле на работното место.

Се дефинира како чувства на тага, безнадежност и незадоволство кои бројни луѓе ги чувствуваат во текот на овој ден, особено во вечерните часови.

Не станува збор за болест која бара лекување или помош од психијатар, дури и може да се каже дека е толку зачестена состојба што е нормално. Наспроти тоа, експертите се сложуваат дека феноменот дефинитивно постои.

Вака отприлика изгледа добро познатото сценарио: се будите во неделното утро, задоволни сте што пред вас е уште еден слободен ден, без училиште или деловни обврски. Тоа трае неколку часа, евентуално до ручекот.

Сепак, веќе во попладневните часови ви се создава некаков грч во стомакот. Мислите се нижат, веќе не се чувствувате слободно. Повеќето луѓе размислуваат за понеделникот или целата недела која следува, а овој маѓепсан круг се повторува воглавно секоја недела.

Иако ова првенствено се однесува на оние со класична работна недела од понеделник до петок, некои истражувања покажуваат дека тегобите пред првиот работен ден ги чувствуваат и оние кои имаат поинаков распоред – на пример, студенти кои имаат предавања од вторник до петок.

Зошто се случува тоа?

На пример, ако работите работа која не ја сакате, веројатно ќе се чувствувате нервозни во недела. Тешко е да се мотивирате и да престојувате на место на кое не сакате да бидете. Луѓето на кои одењето на работа им претставува проблем и се чувствуваат анксиозно, можеби треба да размислат за промена на работното место.

За некои луѓе неделата е потсетник на сè што не успеале да направат во седмицата која поминала. Можеби ги прогонува чувството дека доцнат со обврските кои ги имаат и поради тоа се чувствуваат разочарано.

Уморот од рутината е уште една од причините за неделната депресија. Новите авантури го стимулираат нашиот мозок додека рутината со текот на времето започнува да нè заморува. Во неделата често се припремаме за уште едно влегување во рутина така што, на пример, ја пегламе облеката за утрешниот ден или ги планираме оброците за на работа или училиште.

Некои луѓе наведуваат дека до неделното нерасположение ги доведува чувството дека го потрошиле времето во текот на викендот. Наместо да бидат активни, тие се припремале за обврските кои следуваат во текот на следната седмица, изгубиле доволно време работејќи на некои други работи или во безделничење.

Како да се изборите со неделната депресија?

Обидете се поинаку да гледате на своите активности во однос на деновите во неделата. Немојте да гледате на работната недела како на време полно со обврски, а на викендот како единствена прилика за уживање и забава.

Обидете се да уживате и за време на работната недела – одете на вечера со пријателите, погледнете некој добар филм или почестете се со пијалак со луѓето кои ги сакате. Ценете го и тоа време и исполнете го со нешто корисно за повеќе да не претставува само време за обврски.