Изминатата недела (од 15 октомври до 21 октомври), во Република Македонија се регистрирани 18 нови случаи на заболени од грип, што е зголемување за 12,5 отсто споредено со неделата пред неа (од 8 октомври до 14 октомври) кога беа регистрирани 16 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Од Институтот наведуваат дека во однос на истиот период минатата сезона кога биле регистрирани 45 случаи, се бележи намалување од 60 отсто на бројот на случаи.

Од 18-те заболени, седум се регистрирани во Центарот за јавно здравје Куманово, шест во Центарот за јавно здравје Тетово, по две во Центарот за јавно здравје Штип и Подрачната единица Кратово, а едно е регистрирано во Подрачната единица Свети Николе.

Најголем број заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 10 случаи, а највисока инциденца (2,6 на 100.000 жители) се регистрира кај децата на возраст од пет до 14 години, каде се пријавени шест лица.

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа препорачуваат вакцинација на целото население, со посебен акцент на лицата кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): бремени жени во било кој стадиум од бременоста, деца на возраст од шест месеци до пет години, постари лица на возраст од 65 години и повеќе, лицата со хронични медицински состојби – хронични заболувања, состојби на намален имунитет и здравствени работници.

Сите заинтересирани лица треба да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица во местото каде што живеат, за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип во оваа сезона, наведуваат од Институтот за јавно здравје.

Министерството за здравство како податок кој претходно го објавивме посочи дека има обезбедено за граѓаните на Скопје само 4000 вакцини за грип и околу 28000 вакцини за пензионерите во главниот град. Дали овие бројки ќе ги задоволат потребите на граѓаните на главниот град? Дали се доволни 1000 вакцини за градот Куманово? Министерот Филипче на поставеното прашање од јавноста сеуште нема дадено конкретен одговор иако е во тек вакцинацијата и сезоната на грип веќе е во полн ек!