Во Велес деновиве се отвори нова гинеколошка ординација која ја води докторката која до сега беше началник на гинеколошкото одделение во велешката болница. Велешката болница останува со само еден гинеколог. Од денес во Скопје ќе почне да работи нова педијатриска ординација која ќе ја води искусен педијатар, кој си заминува од Одделението за интензивна нега на предвремено родени бебиња на Клиниката за гинекологија.
Оваа докторка, не е било која, туку таа се смета за најзаслужна за преживувањето на најмалото бебе кај нас кое се роди во 23-та гестациска недела и по четири месеци во инкубатор си замина дома. Ако пред неколку години без лекари останаа само селските средини сега на удар се сите клиники низ цела македонија без штедење, без пардон.
Недостигот на лекари, но и на средно медицински персонал е алармантен проблем на сите нивоа на нашиот здравствениот систем, а заканата станува уште поголема со тоа што земјите во Западна Европа постојано ги олеснуваат условите кои треба да ги исполнат нашите млади лекари за да заминат да работат таму. Најновата „опасност“ стигнува од Словенија каде веќе не се бара познавање на словенечкиот јазик, ниту пак се бара лиценца за работа издадена од словенечка институција. Доволно е само да се обезбедат потписи од тројца лекари од таму кои ќе гарантираат за лекарот-странец и тој веднаш добива договор за работа. Лекарите од Словенија одат во Западна Европа, овие од таму во Скандинавија и САД, а нашите кој каде ќе се снајде, само подалеку од тука.
Каде лежи проблемот
Но, најголем виновник за недостигот на лекари кај нас се смета тоа што во изминатите 20 години Министерството за здравство воопшто не водело сметка за тоа дека земјата ќе се најде во ситуација да нема кој да ги лечи граѓаните, па државни специјализации се давале на лажиче. Проблем е и тоа што тие што се давале, не биле распределени според потребите, туку според желбите. Исто така, концентрацијата на младите специјалисти е на клиниките во Скопје, каде сите сакаат да останат и никој не сака да се врати во матичниот град. Во изминатите шест години, според неофицијалните информации, дадени се околу 1.000 специјализации во кои влегуваат и државните и приватните.
Со матичните лекари, оние кои треба да ја чуваат портата на здравствениот систем, работата е промашена бидејќи откако во периодот на 2006/2007 година беа приватизирани, здравствените власти кренаа раце од водење на здравствена политика во овој дел и не даваа државни специјализации со образложение дека тоа е приватно здравство, иако на тоа приватно здравство го потпираат целиот здравствен систем.
Во Болниците остануваат само ѕидови
Во болницата во Велес не недостасуваат само гинеколози. Од Одделението за ортопедија едниот ортопед си заминал, другиот исто така се подготвува да си оди, а за година и половина и третиот треба да оди во пензија. Хирургија исто така функционира со само еден хирург, а на Одделението за урологија доаѓаат лекари од други болници.
Во Пробиштип веќе две години нема интернист, Кочани за кратко време ќе се соочи со истиот проблем, во Берово и Пехчево нема педијатар, па родителите своите деца за една вироза на преглед мора да ги носат во соседните општини, притоа патувајќи и по минимум 50 километри до најблиската здравствена установа. Во Делчево за две години ќе нема специјалисти по интерна медицина и неврологија. Во прилепската болница постои опасност од затворање на болнички оддели поради недостиг на лекари. Нема гинеколози, рендгенолози и интернисти, или, според проценките, недостасуваат околу 30 специјалисти.
Според анализата на Министерството за здравство, потребно е да се вработат околу 340 лекари кои веднаш би требало да се упатат на специјализација. Најголема потреба за специјализација има за анестезиологија (28), вонболничка педијатрија (18), ургентна медицина (14), општа хирургија (13), неврологија (23), интерна медицина (21), медицинска биохемија (20), болничка педијатрија (19), гинекологија (17). Најголем недостаток има во Тетово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица.
Скопје не е опфатено со овие бројки, но и таму има недостиг на анастезиолози, патолози, педијатри.
Дека проблемот не е само со лекарите, зборува фактот што на Клиниката за детски болести недостасуваат уште 40 медицински сестри, иако таму беа примени 40.
Постои ли решение
Од Министерството за здравство велат дека се преземаат мерки со тоа што ќе се распишат државни и приватни специјализации, ќе се направи регионализација, исплаќање на трудот на приватните специјализанти, подобрување на опремата и кадарот. Ама генерално до сега се што се кажа официјално од министерството за здравство испадна дека е лага, ветувања на ветувања, трупање на непотребни лаги кои доведоа до разочарување на персоналот, неверување во исказите на одговорните кои може нешто да направат, неверување во министерот Филипче, како и несиполнување на веќе дадените и потпишани обврски, како плати за специјализантите, зголемување на платите за медицинскиот персонал и слично.
Потребно е да се престане со манипулација на медицнискиот персонал и докторите, бидејќи со лаги и ветувања кои никогаш не се реализираат нема да се постигне саканиот резултат. Да престане министерот да го користи министерството како личен дуќан и да гледа само тендери да „фрчат“ останатото само по себе ќе се среди. Епа нема, не е таква работата и треба да се работи ако сакаме нешто од медицински персонал да остане во државата и здравството да го задржиме во државните институции на некое завидно ниво. Вака и по овојпат по кој чекорите г-не министре нема да имаме лекар да не сослуша, а не да не излекува.