Откако излезе веста дека Скопје е еден од петте најзагадени градови во светот, ги вознемири пулмолозите, кои нагласија дека ова ќе доведе до алармантно зголемување на бројот на заболени од карцином на бели дробови.
Имено Д-р Камелија Бушљетиќ смета дека ситуацијата е алармантна затоа што загадениот воздух е еден од деветте фактори во светот што придонесуваат за високата смртност кај луѓето.
„Се зголемува бројот на заболени од канцер на белите дробови, од хроничната белодробна опструктивна болест, од мозочните удари, од кардиоваскуларните болести, како и од респираторните акутни инфекции. Над 2.500 луѓе умираат годишно во Македонија како последица на заболувањата што ги предизвикува аерозагадувањето. Ние може да имаме генетски предиспозиции за одредена болест, но тие нема да се манифестираат без поттикнување на фактори од надворешната средина. А еден од главните е аерозагадувањето!”, вели д-р Бушљетиќ.
Додека пак пулмологот, Оливер Јовковски вели дека симптомите како надразителната кашлица, непријатниот мирис, дразбите, чешањето, печењето на носот и очите се дел од потешкотиите што ги предизвикува загадувањето.
„Загадувањето има големо влијание во настанокот на повеќе заболувања. Исто така, и развојот на алергиските заболувања, како асма и алергискиот ринит, се условени од загадувањето. Тие почнуваат поинтензивно да се појавуваат како патологија по индустриската револуција, а претходно не биле премногу познати. Основните потешкотии што ги предизивкува загадувањето, особено во некои сезонски условени ситуации, се надразителна кашлица, непријатен мирис, дразба, чешање, печење на носот и очите, сува или влажна кашлица и зголемена секреција на дишните патишта“, смета доктор Јовковски.
Податоците кои Институтот за јавно здравје согласно со методологијата за проценка на ризик покажува дека од 5.500 починати во 2017, кај 1.250 лица една од главните причини бил загадениот воздух.