Сакам да изразам огромна загриженост во однос на проблемот кој секојдневно ни се наметнува како еден од главните и приоритетни проблеми во нашето живеење, а тоа е загаденоста на воздухот, ова денеска преку прес-конференција го истакна Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Изминатиов период бележиме алармантни статистички податоци кои ги добиваме од светските организации, но и огромен број на реакции од граѓаните во однос на енормно загадениот воздух во градовите ширум републиката. Додека Владата ги претставува своите „ЌЕ“ проекти веќе трета година од своето владеење, на терен евидентно е дека не се превземаат никакви мерки и активности за спречување и намалување на овој проблем, и секојдневно се соочуваме со незапаметено загадување на воздухот. Власта се прави слепа на податоците и не превзема никакви мерки на фактот дека Скопје, Тетово, Куманово и други поголеми градови секојдневно се наоѓаат во топ 5 најзагадени градови во светски рамки. Како пратеник кој доаѓа од Општина Гази Баба, морам да напоменам дека како и во неколку други општини во град Скопје, така и во оваа, мерната станица, од сомнителни и неразбирливи причини не е во функција веќе извесен период. Но и без тоа граѓаните чувствуваат дека воздухот во Општина Гази Баба е загаден. Пред само неколку дена, се појавија шокантни податоци за присуство на ПМ 10 честичките во воздухот во Општина Гази Баба за потоа да слушнеме дека мерната станица не била исправна, а податоците не биле релевантни, вели Пешевска.
Таа додава дека периодов од заменик министерот за животна средина и Владата се изнаслушавме разноразни изјави со кои се обидуваат да го релативизираат проблемот со загадениот воздух во Македонија, велејќи дека дури 90% од населението во Европа диши загаден воздух. Оваа теза ја промовира истиот тој заменик министер за животна средина кој два дена се криеше од јавноста и избегнуваше да даде одговори за хаваријата која што се случи пред неколку денови во фабриката „Охис“.
-Ова е крајно лицемерно и неодговорно однесување на власта во однос на ова прашање, бидејќи токму СДСМ во предизборието на големо ветуваше живот за сите, чист воздух за сите и се обврза да го намали загадувањето на воздухот до 2020 година во: Скопје до 50%, а во другите градови од 30 до 50%. Како и за сите останати работи и од ова произлезе уште една голема лага и предизборна манипулација која СДСМ ја пласираше пред граѓаните со цел да ја добие нивната доверба, но за жал тие останаа измамени. Токму затоа во овој токсичен амбиент повеќе од 3.500 луѓе годишно умираат од болести поврзани со аерозагадувањето, а останатите гледаат што побрзо да ја напуштат државата, додава Пешевска.