Од Министерството за здравство ги негираат информациите објавени на МКД.мк дека министерот за здравство Венко Филипче имал работен викенд во Грција со директорот на грчката компанија „Интракат” која го доби тендерот за изградба на клиничка болница во Штип.
„Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче не остварил средба со менаџерот на грчката компанија „Интракат”, Димитриос Кутрас”, се вели во одговорот на Министерството за здравство.
МКД.мк вчера објави дека завршувањето на градежните работи на клиничката болница во Штип ќе ја чинат државата дополнителни 7 милиони евра. Ова го бара изведувачот, грчката градежна компанија „Интракат”, со облазложение дека толку ќе чини машинското и електронското уредување на внaтрешноста на зградата поради надминување на претходно проектираните технологии. Проектот беше проценет дека ќе чини 30 милиони евра, а сега наеднаш таа бројка стана 37 милиони евра.
Од Министерството за здравство вака ги образложуваат овие дополнителни 7 милиони евра: „Измените на проектната документација во тек на градба за клиничката болница Штип е поради потреба од дополнување на проектот со фаза електрика за потребите на машинските инсталации, унапредување на фазите машинство и електрика. Со оглед на тоа што стопирани се работите подолг временски период направени се дополнителни измени кои се во согласност со најновите медицински стандарди, како и проширување заради спојување на објектот наменет за линеарниот акцелератор.
Се поставува прашањето како воопшто е започната изградба на болницата на нецелосен проект каде недостига системот за електрика. По утврдувањето на фактичката состојба на нецелосен проект направени се измени на проектот со цел да се заврши изградбата на болницата. За ова е добиена и согласност и од Централната европска банка и врз основа на добиена мислења од сите страни започната е постапка за утврдување на дополнителна вредност на проектот. Врз основа на пресметките донесена е одлука на претходните седници на Влада и изградбата ќе продолжи”, се вели во одговорот на Министерството за здравство.
Во изградбата на болницата подизведувач беше компанијата „Бетон Штип”, за која подоцна се отвори и случајот „Тендери” на Специјалното јавно обвинителство, а дел од сопствениците се замешани и во аферата „Рекет”. СЈО отвори и случај „Актор” за перење пари на оваа грчка компанија при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Еден од менаџерите на оваа компанија, Димитриос Кутрас, откако се отворија сериозни сомневања за коруптивни зделки на „Актор” и во Србија и Бугарија, брзо се префрли во грчката градежна компанија „Интракат” која го доби тендерот за болницата во Штип. Улогата на Кутрас и во зделките на „Интракат” станува клучна. Извори на МКД.мк, кои беа дел од овие случувања, велат дека по исфрлањето од игра на македонската компанија „Бетон Штип”, Кутрас имал интересни средби со високи претставници на новата влада во Атина и со блиски бизнисмени на власта во канцеларија во ГТЦ во Скопје.
Сега, откако се договорени дополнителните 7 милиони евра, по неколкукратното одложување на продолжувањето на работите на болницата во Штип, сите страни велат дека конечно ќе продолжи изградбата. Новиот рок е 2021 година.