Биолошкото стареење на одделни органи во човечкото тело може да се открие со анализа на различни протеини во крвта и со тоа да се предвиди ризикот од идни болести. Како и секој типичен автомобил, куќа или општество и човековиот организам има делови (органи) кои немаат ист рок на траење.
Студијата предводена од истражувачи од Медицинскиот факултет на Универзитетот Стенфорд, поддржана од експерти од Универзитетот во Вашингтон, Калифорнискиот универзитет во Сан Франциско, Медицинскиот колеџ Алберт Ајнштајн и Медицинскиот центар Монтефиоре, покажала дека нашите органи стареат со различна брзина. И кога возраста на некој орган е особено висока во споредба со другите луѓе на иста возраст, тоа го зголемува ризикот од болести поврзани со тој орган и порана смрт.
Интервенција пред симптомите
Според истата студија, секој петти навидум здрав човек на возраст над 50 години носи барем еден орган кој старее многу брзо. Добрата вест е што таков орган може да се лоцира со помош на едноставен тест на крвта и потоа да се примени соодветната терапија долго пред да се појават клиничките симптоми.
Со помош на алгоритам, стареењето на поединечен орган може да се прочита од протеините во крвната плазма.
„Можеме да ја процениме биолошката старост на органот кај очигледно здрава личност. Ова за возврат го предвидува ризикот на лицето за болест поврзана со тој орган“, тврдат истражувачите во трудот објавен во списанието Nature.
11 клучни органи
Досега научниците пронајдоа неколку начини како да користат низа биомаркери за да ја пресметаат биолошката возраст на една личност, која не мора да одговара на хронолошката возраст, односно на бројот на години кои поминале од нечие раѓање. Новата студија отишла чекор понатаму со пресметување на бројките за секој од 11-те клучни органи, органски системи или ткива: срце, масно ткиво, бели дробови, имунолошки систем, бубрези, црн дроб, мускули, панкреас, мозок, васкулатура и црева.
Кога ја споредиле биолошката возраст на секој од овие органи за секој поединец со други луѓе без очигледни сериозни болести, откриле дека 18,4% од оние над 50 години имале барем еден орган кој старее значително побрзо од просекот. Овие лица, велат, се изложени на зголемен ризик од болести на тој орган во следните 15 години. Секој 60-ти човек има два органи кои биолошки стареат со побрзо темпо, а кај овие луѓе ризикот од смрт се зголемува за 6,5 пати.
Биолошко стареење на органите
Со помош на алгоритам развиен за таа прилика, истражувачите ги процениле нивоата на речиси 5.000 протеини во крвта и утврдиле дека речиси 1.000 од нив потекнуваат од еден или друг орган и ги поврзале абнормалните нивоа на овие протеини со нивното забрзано стареење, подложност на болест и смртност.
Разлики помеѓу вистинската возраст на органот и неговата проценета старост врз основа на алгоритамски пресметки биле забележани во 10 од 11 проучувани органи; единствен исклучок биле цревата. Орган кој брзо старее со себе носи 15% до 50% поголем ризик од смртност во следните 15 години, во зависност од тоа кој орган е засегнат, покажала студијата.
Патентиран метод
Луѓето со забрзано стареење на срцето имале 2,5 пати поголема веројатност да развијат срцева слабост, а оние со „постар“ мозок имале 1,8 пати поголема веројатност да доживеат когнитивно опаѓање во текот на пет години отколку оние со „помлад“ мозок. Исто така, била забележана силна поврзаност помеѓу резултатите од екстремното стареење на бубрезите и хипертензијата и дијабетесот и помеѓу екстремното стареење на срцето и атријалната фибрилација и срцевиот удар.
Истражувачите поднеле апликација до канцеларијата за патенти и формирале компанија која ќе се обиде да комерцијализира решение кое би можело да помогне во иднина да се бориме против болестите пред да се појават.