Корупцијата и криминалот – ова е мантрата на СДСМ во овие 14 месеци на власт, месеци во кои постојано ја тресат афери власта за коруптивни зделки и наместени тендери за богатење на владејачкиот клан. Залудни се обидите на владејачкиот клан да ги прикажат како „измислени скандали и лажни наводи“ кога притоа и самите нив ги потврдуваат, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Стоилковски вели дека како што и се претпоставуваше, за аферата „Крвави тендери“ министерот за здравство, Венко Филипче признава дека имало, како вели, „недостатоци“ во тендерската документација.
-Министерот се прави недоветен пред фактите дека фирмата на која и доделува тендер тежок 35 милиони евра е основана само неколку месеци пред тендерот, а регистрирана за увоз на реагенси која што ја добила само четири дена пред отворање на понудата!? Притоа на министерот Филипче кој што се прави недоветен не знаел дека било сомнително што на еден волку тежок тендер се појавува само една компанија, и тоа нова компанија. Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествува на тендерот, ниту пак убедил некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и додели 35 милиони евра. Па оттука, поставуваме прашање, кој е тој што дозволил оваа фирма да конкурира без да ги исполни условите, односно дали некој свесно влијаел да биде прифатена оваа понуда од оваа нова компанија без искуство и без да ги исполнува условите, односно без регистрација за увоз на реагенси од Агенцијата за лекови? Ова прашање е особено важно имајќи го предвид фактот дека и ВМРО-ДПМНЕ и јавноста преку медиумите со месеци упатуваа на тоа дека ваков тендер за ваков проект за централизиран проект е штетен во сферата за здравството и сомнителен како концепт кој нема за цел да го подобри системот, туку само да овозможи богатење на фирми блиски до кланот, нагласува Стоилковски.
Тој посочува дека очигледно дека на власта најмалку и е важно здравјето на граѓаните, а важно е да си врви бизнисот. Да им беше важен здравствениот систем, овој проект досега ќе беше стопиран.
-Министерот Венко Филипче мора веднаш да се повлече и да се однесува европски и да си даде оставка од функцијата. Во европските земји на кои што се повикуваат, за ваков скандал паѓаат влади. Тоа што Филипче го поништи тендерот може да биде само олеснителна околност, но никако нема да го амнестира од кривична одговорност за скандалозната набавка. Кривичната одговорност мора да има за сите инволвирани во оваа зделка. Јавното обвинителство мора да истражи кој и на каков начин се обиде за 35 милиони евра да ги изигра јавноста и законите. Прашањата мора да бидат расветлени и да следуваат соодветни санкции, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.