Македонското здравство е во колапс, а хаос владее во сите здравствени институции. Најтрагично е што граѓаните со своите животи и животите на нивните најблиски ја плаќаат цената за неспособноста на СДСМ. За помалку од недела дена четири деца завршија во кома поради дијабетес кој претходно не бил дијагностициран. Како резултат на ненавремена дијагноза четири детски живот беа ставени во ризик, а ризикот за трајни последици по нивното здравје и понатаму постои. Министерството за здравство и СДСМ за случајот ги обвинија родителите на децата.
Ова денеска на прес-конфренција го изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека за еден месец три родилки ги загубија животите, а за еден од случаите постои сериозен сомнеж дека надлежните институции се обиделе да го сокријат од јавноста.
-Во случајот со смртта на родилката од Гевгелија ги видовме роднините како обвинуваат за лекарска грешка, но од здравство повторно молк. Одговори и одговорност нема, а продолжува црната статистика за починати родилки во државата. Кличникот Центар во Скопје, од ден во ден личи се повеќе на депонијата Дрисла, отколку на болница каде се лекуваат болни и изнемоштени лица чиј имунитет е сериозно нарушен. Поради ваквката негрижа и неспособност постои и сериозна опасност од ширење на заразни болести кои им се закануваат на пациентите. Одговорност, повторно нема. Недостасува уште да ги обвинат пациентите дека тие се виновни што не се организираат да го исчистат дворот. Виновни се сите, само не и СДСМ и неспособноста на Зоран Заев и кадрите кои ги форсира во здравството, рече Стојаноска.
Вели дека во 21. век, во земја која се наоѓа во Европа, повторно постои опасност од сериозна епидемија на морбили.
-Пред неколу дена јавно беше објавено дека е регистриран сериозен број на заразени од морбили во Дебар, бројка која достигна 20 заболени, а постои ризик бројот на пациенти со оваа дијагноза да расте. Сосема очекувано, повторно нема никаква одговорност од СДСМ, Зоран Заев и неговите кадри во здравството. Додека македонското здравство е пред тотален колапс, министерот Венко Филипче се шета со парите на граѓаните по семинари ширум Европа. Филипче не го интересира здравјето на граѓаните, тој е единствено заинтересиран за сомнителни тендерски постапки и богатење на грбот на граѓаните. Додека невини граѓани ги губат своите животи во македонското здравство, фантомски фирми добиваат милионски тендери за да задоволат нечии апетити. СДСМ сакаше да додели неверојатни 35 милиони евра на фирма која е формирана само четири месеци пред да го добие милионскиот тендер, истакна Стојаноска.
Според неа, во минатото секоја болница сама си набавуваше реагенси и имаше десетина компании од кои се набавуваа реагенси, но откако минатиот месец министерот Венко Филипче забрани болниците сами да набавуваат реагенси за нивните лаборатории, се случи милионскиот скандал, зашто сега парите ќе ги добива само компанијата „АХР ЛАБ увоз-извоз’’ која е формирана пред само четири месеци.
-Дополнителен проблем за пациентите е тоа што новиот централизиран систем ќе претставува натамошна компликација при транспортот на крвта и навременото добивање на резултатите од кои може да зависат некои итни дијагнози. Нормално, и за овој скандал виновни се кртовите во министерството, медиумите и опозицијата. Виновни се сите, само не и неспособното раководство на СДСМ. Ова што го гледаме е срам за македонското здравство. Факт е дека во моментов функционерите на СДСМ се чувствуваат премногу моќни бидејќи ги штити Зоран Заев кој го има поклопено и судството и обвинителството. Факт е дека во моментов на министерот Филипче му се може да каже дека не помислува на оставка, бидејќи слепо ги следи политиките на Зоран Заев. Факт е дека се чувствуваат доволно сигурни и заштитени за да ги изберат бизнис интересите на криминалниот клан на власта, пред интересите на граѓаните. Сепак, факт е дека ова расипништво, неодговорност и криминал не може да траат вечно. Одговорност ќе има. Што порано, тоа подобро. Органите на прогонот мора да се разбудат и да почнат да работат по закон. Венко Филипче, без разлика на заштитата која што ја има од Заев, мора да си даде оставка и да овозможи независна истрага, рече Стојаноска.
Потенцира дека државата не смее да биде заложник на СДСМ, додавајќи оти Македонија мора да победи и ќе победи.