Државниот санитарен и здравствен инспекторат побарал од Министерството за здравство да се одземе дозволата за работа на болницата Санте Плус, пишува дека причина за ова се констатираните неправилности при лекувањето на пациентката Мирсада.
Вонредниот инспекциски надзор покажал дека болницата не водела никаква евиденција за лекувањето на пациентката, нејзиниот третман и операција не се воопшто заведени во книгите, а во болницата тврдат дека не ја познаваат и дека таа воопшто не се лекувала кај нив.
Сето ова, наспроти обемната документација која ја доставила пациентката Мирсада, а е со потпис и печат од болницата Санте Плус во Скопје(за која во Санте Плус тврдат дека е превод од Санте Плус во Турција), како и и документ од МВР дека не ја напуштала државата додека траело лекувањето во Санте Плус во Скопје.
ДСЗИ констатира дека Санте Плус немаат дозвола за работа за вршење на хируршка дејност заради што го известиле ресорното Министерство за здравство.
„Здравствената установа ПЗУ Санте Плус Гроуп, Скопје, специјална болница по гинекологија, акушерство и ортопедија каде на пациентката и е укажувана здравствена заштита од доктор по општа хирургија, нема дозвола за работа од Министерството за здравство за вршење на оваа дејност, заради што ДСЗИ за затекната состојба на ден 26.07.2018 год со допис бр. 09-351, го извести Министерството за здравство за натамошно постапување односно одземање на дозволата за работа“, се вели во Предмет, известувањето.
Сето ова што го констатирале, за инспекторите отвора сомнеж за кој сметаат дека треба да се вклучат и други институции како ОЈО и МВР.
„Која и да било институција што ќе побара од нас документација за болницата Санте Плус ќе и биде уредно доставена. Но, барање до овие институции може да достави само Министерството за здравство“-посочи Бухова, директорка на ДСЗИ.
Од Министерството за здравство велат дека постапуваат по предметот за случајот на Мирсада Ќерими и се повикуваат на веќе одземената дозвола за работа на болницата, што вишиот Управен суд им ја врати до донесување на конечната одлука на судот.
„Имено, на Санте Плус веќе и е одземена дозволата за работа од страна на Министерството за здравство уште од месец февруари. За конкретниот случај, на 10.08.2018 год. Министерството за здравство го прими извештајот за овој предмет од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и истиот е дополнет на постојниот предмет и постапка која се води во Управен суд против Санте Плус, односно овој предмет уште истиот ден е доставен на натамошно постапување во Управниот суд“, се вели во одговорот од Министерството за здравство.
Во февруари годинава Министерството за здравство ја одзеде дозволата за работа на болницата Санте Плус заради смртта на родилката Дебора Џамбази од Кичево која почина заради задушување при вовед во анестезија при породување со царски рез.
Од болницата Санте Плус поднесоа жалба со образложение дека дозволата им е одземена неосновано, по што Вишиот управен суд времено им ја врати дозволата за работа, до конечната одлука на судот.
За тоа време болницата работи со полна пареа, а Министерството за здравство и покрај сите констатирани неправилности од овој случај, ја чека конечната одлука на судот.
Човечки животи се губат додека министерот Филипче чека разрешница од судот, во меѓувреме може да работи невладината, може да „фрчат“ тендери, ама за пациентите грижа нема, а нема ни простор кога. Министерот е презафатен! До кога вака? – прашуваат пациентите.