Дијабетичното стапало е најчеста причина за хоспитализација на лицата кои боледуваат од дијабетес. Ризикот од губење на стапалото изнесува околу еден процент годишно. Се смета дека во светот, годишно се прават околку милион ампутации, а на секои 30 секунди се прави т.н. голема ампутација на екстремитетот заради гангрена на стапалото – предизвикана од дијабетесот.

ЗГОЛЕМЕН РИЗИК ОД ИНФЕКЦИИ
Во текот на животот, кај 25 проценти од дијабетичарите се појавува рана на стапалото. Таа претставува влезно место за голем број на микроорганизми, кои можат да доведат до сериозни инфекции. Кај овие лица, животниот век е помал и заради тоа, оваа појава треба сериозно да се лекува.

РАНОТО ПРЕПОЗНАВАЊЕ Е НАЈДОБРА ПРЕВЕНЦИЈА
Ова заболување може да се лекува доколку навреме се препознаат промените.

Лекувањето е посложено од превенцијата и за него може да одлучува само докторот. Кога пациентите кои боледуваат од дијабетес, ќе приметат мала рана, веднаш треба да заминат на лекар.

ХИГИЕНАТА МОРА ДА БИДЕ НА ВИСОКО НИВО
Пациентот мора секојдневно да ги прегледува стапалата и тоа под соодветно осветлување. Неопходно е редовно миење на стапалата со млака вода и сапун и темелно сушење на просторот помеѓу прстите. Исто така, потребно е секојдневно мачкање на стапалата со непарфимирана крема за хидратација. Ноктите не смеат да пораснат премногу, за да не останат остри краеви. Исклучително е опасно да се чекори бос и се препорачува носење на волнени (зимно време) или памучни чорапи ( летно време ) со соодветна големина, кои никако не смеат да стегаат. Доколенки не се препорачуваат.

Кога станува збор за чевлите, треба да се бираат чевли кои се доволно широки во предниот дел и никако не смеат да се носат тесни чевли. Треба да се купуваат чевли од чиста кожа, за да може стапалото да дише.

zivejzdravo.mk