Како и за другите работи во државата, да не се набројуваат тука граѓаните, нивните деца, новороденчињата, младите родители, така на овој куп се придружија и специјализантите кои не го добија тоа што првично им беше ветено од министерот и министерството за здравство. Станува збор за специјализанти кои се пријавиле на конкурсот за приватни специјализации во јануари, а започнале со работа на клиниките во Скопје од први март годинава.

Тие реагираат дека без никаков претходно поставен критериум неправедно се исклучени од земањето на плата. Донесувањето на одлука со која тие нема да добијат надоместок е неприфатлива и дискриминаторска, велат во барањето за средба што го испратиле до министерот за здравство.

„Плата мора да има за сите специјализанти. Друга опција не прифаќаме.
Вреднувањето само на одделни доктори на приватна специјализација е комплетно неправедно и би можело да служи како понатамошен поттик за продолжување на својата кариера во земји каде што истите ќе бидат вистински ценети“, пишува во барањето.

Освен тоа, велат дека изјавата на Филипче во која ветуваше плата за приватните специјализанти, влијаела и врз бројот на заинтересирани кандидати, кои се пријавиле на конкурсот со очекување дека ќе бидат платени.

Дел од нив како што се вели во барањето – нема да можат да го издржат финансиското оптоварување, без надоместок.

Во текот на денешниот ден на прославата и одбележувањето на неделата на имунизација министерот повторно се изјасни дека платата била ветена за специјализантите кои ги затекнал. Во тој момент немал увид колку нови специјализанти ќе се запишат на приватна специјализација. Сепак тврди дека во моментов се бара решение за оваа група и не ветува дека сите ќе бидат платени туку средства ќе има само за оние кои ќе имаат потреба клиниките и ќе бидат ангажирани сите останати не ги ни спомена како ќе се снаоѓаат, го кажа во неговата изјава денес во градскиот парк министерот Венко Филипче. Дури и напомена дека штом специјализантите барале средба без никаков проблем тој им стои на располагање да се види и да им ги објасни сите нејаснотии во врска со ова прашање. Барање за средба тврди дека не добил, иако е испратено до министерството уште на 18-ти месецов.

Додека министерот бара решение, овие специјализанти ќе преживуваат, нивните колеги со плата и здравствено осигурување додека тие без никаков надоместок и осигурување, ама како што велат специјализантите со кои што стапивме во контакт – „ дојде животот ама во погрешно време и само за некого, другите неможе ни да преживеат иако им се ветуваше дека ќе бидат на исто рамниште како и нивните колеги“.