Со законските измени со кои се дозволува трансплантација на органи во приватни болници може да “процвета” трговијата со органи и во Македонија, предупредуваат лекари кои ги консултираше zdravstvo.mk. Според нив во земјава може да доаѓаат луѓе од странство со намера да ги продадат органите, а притоа да тврдат дека се роднини на пациентот кој треба да добие орган за трансплантација. Додаваат дека нивните тврдења за роднинска врска ( чичковци, стрини, братучеди…) со болниот можат и да ги поткрепат со нотарска потврда од нивната земја и да ја преведат кај нас за да имаат некакво оправдување, а всушност потребниот орган дали е бубрег или црн дроб ќе го продадат за пари.
На ова предупредува и меѓународната организација за трансплантација. Во писмото кое било испратено во 2014 година до тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, а кое го пренесоа некои медиуми се потенцира дека ако се дозволи трансплантација на органи во приватни болници ќе се зголемат шансите за злоупотреба, посочувајќи ги како примери Косово, Албанија и Турција каде од страна на тамошни приватни болници немало транспарентност за направени пресадувања на органи и имало криминал.
За потсетување сеуште се свежи секавањата и во Македонија за приватна болница во Косово каде со години се вршело пресадување на органи купени со пари. За ова тамошните власти водеа и истрага, а во затвор заврши турски хирург кој ги вршел трансплантациите.