Во општините Дебар и Центар Жупа расте бројот на третородените деца. Ова го потврдуваат во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, кој со својата активност ги покрива двете општини, од каде нагласуваат дека врз тоа секако позитивно влијание детскиот додаток што врз таа основа го дава државата.
– Бројот на оние кои го остваруваат правото на додаток за трето дете бележи постојан раст. Во просек годишно додаток за трето дете остваруваат 70 нови корисници, додека вкупната бројка на оние кои го остваруваат ова право е 617 корисници и ова право ќе го остваруваат до десет годишна возраст на детето. Надоместокот изнесува 8.362 денари. Право на додаток за четврто родено дете остваруваат 23 корисници тој е во висина од 11.706 денари и се остварува до петнаесет годишна возраст на детето,-потврдуваат од стручната служба на Центарот.
Што се однесува до додаток за четврто дете, од таму дообјаснуваат дека овој закон важеше до април 2010 година, но оние кои до тогаш го оствариле ова право го добиваат и понатаму.
Инаку, преку Центарот се остваруваат уште две права од детската заштита.
– Детски додаток остваруваат 102 корисници за 268 деца, додека посебен додаток за деца со пречки во развојот 90 корисници за 91 дете, посочуваат од Центарот.
Имајќи ги предвид и другите две права, преку Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар права од детска заштита остваруваат вкупно 832 корисника.