Последниве неколку месеци, најновата мутација која го предизвикува коронавирусот, уште позната како B.1.617.2 сој или делта варијанта ги полни насловните страници насекаде низ светот. За прв пат беше откриена во Индија, во месец декември 2020 година, а потоа се детектираше во САД, во месец март 2021 година. Научниците и докторите се уште учат за оваа најнова мутација, но ова се трите работи кои секој треба да ги знае, се вели во статија објавена на порталот „Hackensack Meridian Health“:
– Делта сојот е позаразен од сите останати варијанти на коронавирусот: Научниците потврдија дека делта сојот полесно се шири меѓу луѓето, со што изгледа дека оваа мутација луѓето ја шират едни меѓу други многу побрзо отколку првичниот Ковид-19. Една скорешна студија од Кина откри дека луѓето кои не биле вакцинирани, а се заразиле со делта сојот имале количина на вирус во респираторниот систем 1000 пати поголема од оние на кои им бил детектиран првичниот Ковид-19. Американскиот центар за контрола на болести и превенција (ЦДЦ) го класифицираше овој сој како „загрижувачки“, термин кој се користи кога одреден вирус е попренослив, предизвикува потешка форма на болеста или вклучува и други компликации.
– Луѓето кои се заразени со делта сојот можат да имаат потешка клиничка слика: Една студија објавена во Шкотска вели дека невакцинираните луѓе кои се заразиле со делта сојот на вирусот, имаат 2 пати поголеми шанси да бидат хоспитализирани, поради тешката форма на болеста, отколку оние кои се заразиле со алфа сојот на вирусот, кој пак претходно беше дефиниран како позаразен од првичниот Ковид-19. Потребни се повеќе истражувања за да се утврди дали делта сојот предизвикува потешка клиничка слика од останатите соеви, но присуството на поголема количина на вирус може да допринесе до повеќе симптоми помеѓу заразените луѓе, се вели во статијата.
– Вакцините против Ковид-19 нудат најдобра заштита против делта сојот на вирусот: Истражувањата на научниците во изминатиов период посочуваат дека вакцините кои се достапни против Ковид-19 во САД подеднакво штитат и од делта сојот, меѓутоа тие ќе продолжат со испитувањата со цел да ја утврдат нивната ефиксност. ЦДЦ препорачува луѓето кои не се вакцинирани, да се вакцинираат, за да се заштитат себеси од ризикот да се заразат со Ковид-19, вклучувајќи го и делта сојот на вирусот. Доколку се случи вакцинирана личност да се зарази со Ковид-19, вакцината ќе ја заштити личноста од сериозноста на болеста и ќе спречи понатамошна хоспитализација или смрт, се вели во статијата објавена на „Hackensack Meridian Health“.