Филипче поседува акции во Макпетрол, Бетон, Гранит и Макстил

Министерството за здравство утринава одговори на прашањата кои пред 10 дена ги постави Економски Лидер и ни открија во кои компании поседува акции министерот Венко Филипче од 2008-ма година, па…

Министерството за здравство утринава одговори на прашањата кои пред 10 дена ги постави Економски Лидер и ни открија во кои компании поседува акции министерот Венко Филипче од 2008-ма година, па наваму.

-Министерот за здравство: Доц. д-р Венко Филипче поседува хартии од вредност или акции во 4 (четири) компании, од 2008 година без промена во „Макстил“ АД, ДГ „Бетон“ АД, ГД „Гранит“ АД и „Макпетрол“ АД.– велат во одговорот од министерството.

Воедно, од службата за односи со јавноста се извинија што за одговорот Економски Лидер почека цели 10 дена, но, доколку се има предвид дека во овој период имаше трагедија со превртувањето на автобус, во која министерот беше целосно ангажиран, редакцијата го разбира доцнењето.

Во исто време, со овој одговор, од кабинетот на Филипче ја расчистија дилемата и станува јасно дека тој не поседува акции во компанија од неговата дејност, односно во веледрогерија која добива пари од Министерството.

Сепак, голем дел од наведените компании се прилично активни преку државни тендери, но, акциите Филипче ги поседува пред да стапи на функција. Во анкетниот лист објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупција, стои дека Филипче од 2008 година поседува 458 акции.


Related Articles