Кардиохируршки операции кај деца се прават во двете приватни болници со кои Фондот за здравство има постоечки договори, рече министерот за здравство Венко Филипче, откако опозицијата обвини дека нема детска кардиохирургија и дека дел од тимот лекари од Детска хирургија кои заминаа во приватната болница на Жан Митрев сакаат да се вратат назад во јавното здравство, но дека не може тоа да го направат.
„Сите доктори и медицински сестри заминаа на свое барање. Јавниот сектор е отворен и секој кој сака да се врати, и тимот и хирурзите, има отворени врати“, рече Филипче.
На прашањето кој ги оперира децата сега во овие две болници и дали е обезбедена стручна помош од странство, Филипче рече дека се ангажирани хирурзи од Србија и Бугарија и нема никаков проблем од стручен аспект.
Министерот Филипче ги посочува сите работи кои се ветени, половично завршени, сега ги ветува или ќе ги вети, но никако не посочува и да каже што стана со Јавното -Приватно партнерство кое беше фијаско и невиден негов неуспех, што бидна со тужбата покрената против него од страна на шведската компанија „Диаверум“, за купување на македонската „Диамед“, која има активна тужба против Ден Дончев и Венко Филипче. Како е тоа возможно да се чека да помине време и работите се преќутуваат како ништо да не се случува, додека од друга страна пак се подготвуваат и активираат матните тендери и сплетки.
Дали треба личност со активна кривична пријава и гонење од страна на странска компанија преку системот на правда во Македонија да остане и понатаму да биде на функцијата министер за здравство?