И Филипче знаел оти јавното обвинителство ја истражува фирмата „Дијамед“, па потврди дека имал директни средби со инвеститорите од Шведска, кои биле предупредени за дејства што инаку се тајни постапки на обвинителството.
-Навистина се смешни обвинувањата против мене, имавме состаноци со странска фирма што сакаше да преземе наша приватна компанија, која пак работи во сверата на дијализите. Имавме официјални состаноци, и нормално кажавме што имавме да кажеме. За сето тоа и писмено ги известивме. Смешно е да се прават вакви обвинувања. Таа фирма е веќе влезена на нашиот пазар и активно работи, изјави министерот Филипче.
Но, неговата изјава се разликува од вчерашната на Заев, па сега Филипче во обид да ги релативизира работите вели дека знаел за истрагата оти обвинителството побарало документација од министерството за здравство.
-Како дознавте дека Јавното обвинителство истражува за фирмата, бидејќи премиерот Заев вчера посочи дека информацијата стигнала дирекно од Јавното обвинителство, дали го потврдувате ова?
-Да, бидејќи обвинителството побара документи од министерството за здравство, изјави министерот.
Изјавата на Заев беше сосема поинаква.
-Кога се обраќа јавното обвинителство до државните институции, кои се под премиерот, Фондот за здравствено осигурување и министерството за здравство, ние знаеме дека се води истрага. Логично, чесно и одговорно е пред било кој инвеститор, како што е шведски „Дијаверум“, државата да ги соопшти сите информации, изјави Заев на вчерашната прес-конференција.
Филипче за аферата што веќе го доби називот „Рекет2“ долго време молчеше. Според кривичната пријава, министерот заедно со директорот на ФЗО, злоупотребувајќи ги своите службени позиции, ја оштетиле Вера Иванова, ама и буџетот, преку обидите да ги предомислат Швеѓаните да ја купат фирмата „Дијамед“.
Во претходниот период за аферата „Рекет 2“ говореше Ден Денчев, кој се впушти во контра напад кон Иванова, па како во улога на обвинител говореше за криминални активности за сопственичката структура на фирмите ќерки, а го споменуваше и кумот на Никола Груевски, Ристо Новачевски. И двајцата, по прес-конференцијата ги демантираа сите тврдења на Дончев, а Новачевски дури најави и тужба против Дончев.