Во периодот од 13 до 19 септември годинава тестирани се вкупно 28.972 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,2 проценти во однос на минатата недела, се вели во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Регистрирани се 3.340 нови позитивни случаи од 32 града во државата, за 3,7 посто помалку од минатата недела.
Процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 14,3 проценти, просечно 11,4 посто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.669; 50,0%), a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци – 280,8/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=979, 29,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=143; 4,3%).
– Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9 каде што има зголемување за 50,5 посто и кај возрасната група од 10-19 каде што има зголемување за 8,2 проценти, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.595 (47,8%) лица од машки и 1.745 (52,2%) од женски пол.
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.441 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, намалување од 12,8 проценти во споредба со минатата недела. Во текот на мината недела вкупно се пријавени 23 реинфекции, намалување од 25,8 посто во однос на минатата недела.
Пријавени се 154 смртни случаи во 29 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (70), Куманово (12), Струмица (8) и Тетово (8). Најголем број (n=123; 79,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.
Заклучно со 19 септември, пријавени се вкупно 187.068 случаи на Ковид-19 (I=9.042,3/100.000). Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 35 градови низ државата. Најголем дел регистрирани во Скопје, Тетово и Куманово, додека највисок морталитет се евидентира во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Највисок леталитет има во Крушево и Струга.
Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 92.829 машки и 94.239 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 8.967,1/100.000, а кај женските 9.117,6/100.000.
Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година (просек – 45,7 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 47.678 (25,5%), додека највисок специфичен морбидитет од 11.613,2/100.000 се регистрира кај возрасната група од 50-59 години (n=32.547). Најнизок специфичен морбидитет од 1.683,0 и 4.416,2 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 3.683 и 10.140 случаи.
Во однос на датумот на пријавување, првиот случај е регистриран на 26 февруари 2020. Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (n=1.512) е регистриран на 30 март 2021. Првиот случај е регистриран во 9-тата недела, а од 11-тата недела во 2020 година континуирано се регистрираат нови потврдени случаи.