Ковид-19 повторно се шири низ Европа, бројките се загрижувачки

Во некои европски земји, дојде до повторно ширење на коронавирусот. Шпанија се бори со зголемување на бројот на нови случаи, а нови жаришта има и во други земји. Во германската…

Во некои европски земји, дојде до повторно ширење на коронавирусот. Шпанија се бори со зголемување на бројот на нови случаи, а нови жаришта има и во други земји. Во германската држава Баварија, цела фарма со 500 луѓе вчера беше ставена во карантин, откако 174 работници беа тестирани позитивни за коронавирус, пренесува „Еуроњус“.

Луѓето во австрискиот град Сент Волфганг, недалеку од Салцбург, беа повикани да останат дома откако 44 лица беа тестирани позитивни на коронавирусот во петокот. Инфекцијата се верува дека се ширела по забавите во баровите низ градот, а дел од локалите се привремено затворени.

Австрија се соочува со зголемување на бројот на случаи откако ги ублажи ограничувањата, поради што канцеларот Себастијан Курц ја врати обврската за носење маски во продавниците, поштата и банките. Австрија досега има пријавено повеќе од 20.000 случаи и повеќе од 700 смртни случаи.

Франција досега избегнува да воведе повторно карантин, но расте бројот на заразени откако во петокот имаше повеќе од 1 100 нови случаи. Француските власти неодамна воведоа казна од 135 евра за лица кои не носат маски на затворени јавни места.

Италија е една од најпогодените земји во пандемијата на коронавирус, со повеќе од 242 000 случаи и повеќе од 35 000 смртни случаи, но се чини дека вирусот во моментот е под контрола, иако во последните 24 часа се пријавени 275 нови случаи и пет смртни случаи.

Британската влада синоќа ја отстрани Шпанија од списокот на земји безбедни за патувања по зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирус во последните денови и воведе задолжителен двонеделен карантин за патниците кои се враќаат од таа земја. По таа одлука, шпанските власти излегоа, тврдејќи дека пандемијата на коронавирус во земјата е под контрола.

Шпанија во петокот пријави 2 225 нови случаи, трипати повеќе од пред две недели. Во Шпанија се разболеле повеќе од 272 000 луѓе, додека повеќе од 28 000 починале од коронавирус.


Related Articles