Мајката на претепаното 14-месечно девојче е во полициска станица, потврдуваат од МВР. Со неа се разговара за немилиот настан кога нејзиното дете од засега сè уште непознат сторител е ѕверски претепано и пред четири дена, со крварење во мозокот, повреди на черепот и скршеници на нозете беше донесено на скопските клиники.
Според информации на ТВ Алфа жената од вчера попладне е задржана во полициска станица, а на информативен разговор полицијата има право да ја држи 24 часа, по што обвинителството ќе треба да одлучи за понатамошниот тек на постапката.
Според неофицијални информации, таа за грозоморниот чин неколку пати досега дала различни искази. Таткото на девојчето, пак, е зад решетки од април годинава, а издржува затворска казна за сторени кривични дела – кражби.
Како што претходно посочија од Центарот за социјална работа, мајката на девојчето, немала здравствени проблеми, ниту пак ѝ била одземена деловната способност. Од моментот кога полицијата е информирана за случајот, жената била сместена во Шелтер центар, а придружувана од социјален работник, а на детето му е доделен старател.
Состојбата на детето е стабилна. Од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување за Алфа информираат дека сè уште не се знае каков ќе биде невролошкиот развој на детето, а лекарите утврдиле и стари повреди по телото на детето. Девојчето во текот на денот ќе биде префрлено на Детската клиника.
Истражните органи го испитуваат случајот, а исходот од истрагата треба да покаже кој ѕверски го претепал 14-месечното бебе.