Загрижувачка ситуација во поголем број на ординации на матични лекари концесионери. На улица ќе останат десетина медицински сестри од внатрешноста до крајот на годината, бидејќи лекарите во чии ординации работат ќе одат во пензија. Со затворање на амбулантите, овој кадар ќе остане невработен. Најголем број се на околу 50 годишна возраст и имаат уште една деценија до пензионирање. Од Здружението на приватни лекари велат дека ова е сериозен проблем бидејќи со ова се засегнати сите 1570 матични во државата.
-Оваа недела имав голем број јавувања од мои колеги матични лекари концесионери кои ќе одат во пензија и се загрижени за медицинските сестри кои работат со нив. Велат дека по 30 години поминале заедно и сега со затворање на ординацијата сестрите ќе останат без работа. Надлежните мора сериозно да се погрижат за оваа состојба која не загрижува сите, затоа и со години бараме префрлање на пациенти на ПЗУ а не на матичен. Мора да се најде решение, вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ
И додека во други градови медицински сестри ќе останат без работа, во Скопје матични лекари не можат да најдат вакви здравствени работници бидејќи бегале по подобар живот во странство. Од Здружението на приватни лекари велат дека ваквите диспропорции во барањето и немањето на кадар можат да бидат решени со централна база на податоци за сестри и лекари, која во Македонија ја нема.