Националното фармацевтско здружение (НПА) на Велика Британија ги повика луѓето да не купуваат лажни лекови за слабеење и дека недостигот на Оземпик се очекува да продолжи и во наредната година.
Здружението предупреди на можна „експлозија на нелиценцирана продажба на лекови преку Интернет“ и рече дека луѓето го ризикуваат своето здравје купувајќи лекови преку Интернет, без соодветни проверки, пренесува Sky News.
Лекот „оземпик“ се користи за лекување на два типа дијабетес, а неговата способност да го потиснува апетитот ги натера луѓето да го користат за слабеење, додека во масовна употреба постои уште еден лек кој може да се препише за слабеење преку специјализирани ординации на нутриционисти, со строги критериуми за тоа кој може да го набави тој лек.
НПА, која претставува повеќе од 5.000 независни аптеки во заедницата, ги повикува пациентите да разговараат со својот фармацевт или општ лекар наместо да купуваат лекови преку Интернет од продавачи кои не се регистрирани и регулирани во Британија.
Претседателот на НПА, Ник Кеј, рече дека фармацевтите и понатаму се „длабоко загрижени“.
– Залихите на Оземпик се многу исцрпени во аптеките во Велика Британија и важно е лекот да остане приоритет за оние на кои клинички им е најпотребен. Со оглед на несигурната состојба на снабдување со овие и други витални лекови, постои многу поголем ризик луѓето да сакаат да нарачаат материјали од онлајн продавачите“, рече тој.
Во јануари, Министерството за здравство и социјална заштита им порача на здравствените работници да не препишуваат лекови за слабеење и дека постоечките резерви мора да бидат резервирани за пациенти со дијабетес тип 2.