Во Македонија продолжува трендот на опаѓање на бројот на нови случаи на Ковид 19, како и на бројката на активни случаи на коронавирусот.

Главниот координативен кризен штаб и Владата треба да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести да се укинат сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде што не е задолжително носење на маски. Исто така, и околу препораката за укинување на задолжително поседување негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

За да се подигне имунитетот на популацијата, што би било основа и за натамошно релаксирање на мерките, Комисијата почна и кампања за вакцинирање на луѓето од ризичните групи. Претседателот на Комисијата Александар Петличковски, на прес – конференција неделава, најави дека освен укинувањето на сертификатите за влез во трговските центри, наскоро, во зависност од состојбата ќе има олабавување и на другите рестриктивни мерки.

-Пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар, смета Петличковски.