Повозрасните луѓе кои се невработени потешко се снаоѓаат на пазарот на трудот, зашто вештините кои ги имаа веќе не се бараат. Потребни се проекти за да им се помогне на овие луѓе полесно да најдат работа.
Над 40 проценти од невработените кои активно бараат работа се постари од 50 години, а една третина од невработените се постари од 55 години, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Последните податоци покажуваат дека во земјава има скоро 102 илјади луѓе кои активно бараат работа, а скоро 42 илјади од нив се постари од 50 години.
Извршниот директор на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков вели дека повозрасните потешко се снаоѓаат на пазарот на трудот, зашто „ги прегазило времето“ и потешко се снаоѓаат со новите технологии.
„Младите имаат многу поголеми, така да кажам, перформанси и исполнителност од старите луѓе и секако дека се поотворени за апсорбирање на нови ментални, професионални и технички вештини“, вели тој.
Невработеноста на луќето кои се на десетина години до пензија е сериозен проблем. Тие во наредните години ќе заминат во пензија, поради малиот работен стаж ќе имаат пониски пензии, што ќе биде дополнително оптоварување на социјалниот систем или на нивните семејства. Децата одат во странство за да им праќаат по 200 евра месечно на родителите, со кои ќе живеат, вели Бошков и потсетува дека девизните дознаки од странство се 1,4 милијарди евра. Мора да се бараат начини да се стимулира вработувањето на повозрасните, вели тој.
„Во овој момент сме во процес на изработка на Законот за работни односи, па за тие луѓе можеби ќе биде добро да се даде можност за флексибилно работно време или пак оние со наполнети 55 години или навршени 35 години стаж да добијат скратување на работното време од 2 часа. Тоа е една микромерка која може да олесни или да биде придружна мерка за работодавачите да ги вработат“, вели Бошков.
Со сличен став е и економскиот аналитичар Висар Адеми. „За жал во Македонија државата е најголем работодавач, така што луѓето се надеваат дека ќе се вработат во јавната администрација, но Агенцијата за вработување треба да ги прифати овие луѓе и да направи програми за преквалификација и доквалификација на вештините, зашто на 50 години имаат уште 15 години до пензија. За да не бидат на товар на целото општество, треба да ги интегрираат и да им помогнат преку кариерно советување, преку менторство, за да може да ги интегрираат во приватниот сектор“, вели Адеми.
Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека повеќе од половина од невработените, или над 54 илјади лица се само со основно или со незавршено основно образование.