Премиерот Зоран Заев рече дека шведската компанија „Диаверум“, која ги купи центрите за дијализа од компанијата „Диамед“, во присуство на шведскиот амбасадор ја предупредиле дека има истрага, а сите други обвинувања дека заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и со министерот за здравство Венко Филипче се обидувале да го спречат влезот на шведската компанија, тие што ги даваат треба и да ги докажат.

Тој ова го кажа одговарајќи на прашање дека поранешната сопственичка на „Диамед“ Вера Иванова тврди дека и тој се сретнал со шведската компанија заедно со директорот на Фондот за здравство Ден Дончев и министерот за здравство Венко Филипче. Минатата недела директорот на Фондот Дончев рече дека не се обиделе да го спречат влезот на шведската компанија, туку само предупредиле за можна криминална трансакција од кумот на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски. Тој со документи ги образложуваше овие сомнежи.

„Тоа што го кажа директорот на Фондот е така и е веќе присутно во јавноста. Беа присутни со амбасадорот и им укажавме за истрагата за дијализата, за начинот на издавање на центрите и за сомнителноста во целата постапка. Донесоа одлука да ги купат, ги купија и нека им е со среќа. Но, навреме беа предупредени од државата дека има истрага точно по овој предмет. Стоиме на располагање со министерот и со директорот на посебен прес да ги објасниме работите. Но, ќе ја испратам пораката дека замрзнатите 11 или 11,5 милиони евра, колку и да се веројатно, се причините за постапките што се отвораат од одредени организации, како што ја спомнавте госпоѓата“, рече Заев.

На забелешката дека според тврдењата истрагата формално е подоцна отворена од времето кога се сретнале со шведската компанија, Заев рече дека кога се изнесуваат аргументи тие треба да бидат поткрепени и дека истрагата не е затворена и подетални информации да се бараат од Јавното обвинителство.

„Беа посочени и министерот и директорот и вклучително и јас, но тој што вака ги отвора работите треба да си понесе одговорност. Затоа што на крајот на денот сите сме луѓе и имаме образ. Кога Јавното обвинителство се обраќа до институциите кои се под премиерот, а тоа се Фондот за здравство, Министерство за здравство за одредени информации нормално е дека ги имаме тие информации. Логично е, чесно е, и одговорно е, пред кој било инвеститор, па вака познат ‘Диаверум’ од Шведска да ги знае сите информации, ако сакаме да градиме кредибилитет, рејтинг моќност на привлекување инвестиции во државата. Тоа што сме го знаеле сме го соопштиле во тој момент. Луѓето си анализираа си донесоа свои правни експерти, си донесоа одлука и рековме нека им е со среќа. Но, секако самата истрага не е затворена, и за тоа се надлежни правосудните органи“, додаде Заев.