Дива депонија повторно се создаде во дворот на претоварната станица за смет на Јавното комунално претпријатие, лоциранa кај тетовски Требош. Поголем дел од комуналниот отпад собран на дневна основа од тетовските домаќинства наместо во големите контејнери на претоварната станица, завршува на земја.
Ова е втор пат за неполни два месеци да се таложи несоодветно отпадот на претоварната, пред да се пренесе во скопската депонија Дрисла. Минатиот месец станицата за претовар поради дефект не работеше две недели, а ѓубрето тетовските комуналци две недели го трупаа во дворот, од каде поради високите температури Тетово се гушеше во неподнослива миризба.
Надлежните тогаш се оправдаа дека не можат веднаш да го остранат дефектот, затоа што морале да заменат некој дел станицата, кој го чекале да им биде испорачан од странство.
Сега градоначалничката на Тетово Теута Арифи, вели дека не се работи за дефект, но одвреме навреме се појавувал проблем со таложење на отпадот, затоа што технологијата за претовар на сметот за тетовските комуналци била непозната
Претоварната станица за смет започна да фунцкионира пред 7 месеци, откако дивата депонија на влезот од Тетово каде комуналците без никакви стандарди го претовараа сметот, беше целосно исчистена со финансиска помош од централната власт. Градоначалничката на Тетово Арифи рече дека оваа станица е привремена а се работи на решение на изградба на нова каде освен претовар ќе се врши и рециклирање на отпадот.