Синдикатот на Клиничкиот центар преку писмо го прашува министерот за здравство Венко Филипче, зошто заборавил на ветувањата што им ги дал во однос на изградба на катна гаража и средување на хаосот со паркинг места, на намалување на цената за паркинг на вработените, на ветеното покачување на платите, да излезе со стратегија како ќе го спречи масовниот одлив на медицински кадар. Синдикатот посочува дека Филипче ја изгубил довербата кај медицинскиот кадар и сугерираат да ја исправи сликата и да почне да се однесувате сериозно кон ресорот што го води.
„Г-дине Министер, одамна истече времето за изградба на двете катни гаражи, и намалувањето на цената на паркинг картичките или нејзино укинување за вработените во Клинички центар.
Дали мислите дека вработените во Клинички центар заборавија на Вашето ветување. Зарем мислите дека се намалил револтот. Не, туку ја изгубивте огромната доверба која ја имавте кај Вашите довчерашни соработници, се надеваме и понатамошни.
Истекува и времето докторите специјалисти во терциерно здравство да ги добијат ветените 100.000,00 денари основна плата од која се многу далеку.
Докторите што ги споменувате со 90 до 100 илјади денари плата ги пополнуваат празните места во градовите каде недостигаат доктори од пооделни специјалистички области. Всушност, поради двојната работа ја земаат и платата на оние што ги нема во тие градови, а треба да ги има.
За воља на вистината, согласно важечкиот колективен договор докторите специјалисти во Клиничкиот центар имаат 44.517,00 денари основна нето плата.
Истекува и времето медицинските сестри и другите здравствени работници да го добијат двојното покачување на платите.
Излезете веќе еднаш јасно и недвосмислено пред вашите административни работници да ги кажете вашите и на Владата на Република Македонија планови за нивната понатамошна судбина. Ветивте дека ќе водите политичка борба во Владата за нивно изземање од останатата јавна администрација. Епа сега покажете го тоа на дело!