Дафина Стојаноска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денекса за медиумите изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е за нов Клинички центар но само со изготвен проект, а не со физибилити студија од 35 страни. Наместо СДСМ да ги обвинува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, редно е да седнат и да изработат проект за нов Клинички центар па потоа ќе се дискутира за заем за реализација на ваков сериозен капитален проект.

 

– Имено, да се изгласа закон за заем од 503 милиони евра за непостоечки проект, а истовремено тоа да го бара најкорумпираната Влада во Европа е крајно бесмислено и несериозно. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на последната средба со Зоран Заев даде конструктивно предлог решение кое ќе значи комплетно реновирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кое би чинело околу 100 милиони евра како и изградба на Ургентен Клинички центар кој би бил наспроти приватната болница „Жан Митрев“ и со кој би се поврзале Поликлиниката „Букурешт“ и ГОБ „8ми Септември“ и исто така изградба на уште три Универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола кои би чинеле по десетина милиони евра, посочи таа.

Стојаноска вели дека иако Заев го побарал овој предлог на увид до ден денешен сеуште нема никакви реакции по истиот.

– Срамно и лицемерно е СДСМ да го поврзува овој значаен проект со ковид кризата и со тоа да ја крие нивната неспособност бидејќи досега имаа скоро пет години да започнат со изградба на нов Клинички центар и истиот денес ќе беше во завршна фаза но тие немаат ниту изготвено проектно решение, додаде таа.