Денеска Управата за јавни приходи (УЈП) влезе во инспекција на битолската фирма „Еко Клуб“. Се прегледува документацијата на компанијата по неодамнешниот скандал што излезе во јавноста во врска со несоодветниот начин на обработка и транспорт на медицински отпад во погоните на нејзината подружница во Скопје. Kонтролите се прават по основ на ДДВ и добивка, но засега е рано да се каже дали се констатирани некакви нерегуларности бидејќи станува збор за обемна докуметнација, па во моментов контролите се сè уште во фаза на утврдување на состојбите.
Градските власти во Скопје презентираа фотографии и видеа тврдејќи дека несоодветно обработувала медицински отпад, го сечела во машина без термички да го обработи и да го стерилизира, а потоа како обичен отпад тој се носел во депонијата „Дрисла“.
Преку објавените видеа и фотографии, јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад во погоните на „Еко Клуб“ во кои, меѓу другото, кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
Компанијата во текот на минатата година до „Дрисла“, како што изјави Шилегов во таа прилика, транспортирала 4.700 килограми медицински отпад, а само во јануари, според материјалите за неправилности во работењето со кои располага Град Скопје, транспортирала 1.900 килограми. Доколку, пак, се погледне историјатот на фирмата, се доаѓа до фактот дека учествувала на тендери и има склучено 55 договори во последните 12 месеци, од кои најголем дел со здравствени установи ширум земјата кои се однесуваат на собирање, транспорт и уништување на медицинскиот отпад.