Австралиската држава Квинсленд се бори со новото зголемување на бројот на инфекции од коронавирус. Од денеска повторно се воведува задолжително носење маски ограничување на собирите во домовите. Зголемени се и мерките за социјална дистанца низ целата земја.
Австралискиот Совет за национална безбедност денеска треба да одржи итен состанок поради зголемениот број нови инфекции низ целата земја. Во Квинсленд, властите ги повикаа жителите на неколку региони, вклучувајќи го и главниот град на државата, Бризбејн, да носат маски, дури и пред регулативата да стапи на сила вечерва на полноќ.
Во моментов со некоја форма на локдаун или рестрикции се опфатени повеќе од 10 милиони Австралијци, или две петтини од населението. Во најнаселениот град во Австралија, Сиднеј, за време на викендот беше воведен локдаун, како и во Дарвин на северот на земјата, додека здравствените власти се обидуваат да го спречат ширењето на многу заразната делта варијанта на вирусот.
Австралија досега беше многу поуспешна од другите развиени земји во спречувањето на ширењето на коронавирусот и забележа само 30.450 инфекции и 910 смртни случаи.