Коронавирусот се уште е приситен во земјава, иако Министерството за здравство во изминатиов период престана да информира за состојбата со бројот на новозаразени и починати со медиумите. Институтот за јавно здравје, пак на својата интернет страна, споделува неделни податоци за состојбата со коронавирусот во Македонија.
Во периодот од 14 до 20 ноември од ковид-19 починале седум лица, три во Скопје и по еден смртен исход во Крушево, Ресен, Дебар и Македонска Каменица. Во лабораториски услови се потврдени 179 нови случаи на болеста од 2.829 тестирања. Но, пристигнале и грипот и други различни вирози.
Најголемиот број од новите ковид случаи – 120 се во Скопје. Од почетокот на епидемијата со ковид-19 во Македонија починале 9.588 лица.
Од Комисијата за заразни болести велат дека состојбата со ковид-19 е смирена, дека на дневно ниво има по околу триесет лабораториски потврдени позитивни случаи на ковид-19, а дека во болнички услови се лекуваат дваесетина пациенти.
Во Македонија е регистрирано и присуство на грип. Според последните неделни анализи на Институтот за јавно здравје, пријавени се 15 случаи на грип, односно на заболувања слични на грип, а во текот на есенва регистрирани се 93 случаи. Во лабораториски услови е потврден еден случај од типот A(H3).
Кај матичните лекари во изминатите месец дена има зголемен број на пациенти кои се жалат на респираторни проблеми – температура, болки во грлото и градите, кивање, кашлање. Проблем е, велат, што не можат со сигурност да кажат дали се работи за корона, грип или некој вид на вироза, бидејќи повеќето пациенти не се тестираат на ковид-19 иако има слободни термини за закажување. Терапијата за сите пациенти кои немаат потешки симптоми е слична и се избегнува давање на антибиотици.