Полицискиот час продолжува да важи уште една недела. Комисијата за заразни болести одлучи рестриктивните мерки да останат на сила до 27 април 2021 година.
Продолжува да важи забраната за работа на кафеаните, кафулињата, како и угостителскиот дел од обложувалниците кои можат да примаат уплати преку наплатен пулт. Забрана за работа имаат фитнес-салите, спортските и салите за вежбање, а се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.
Јавниот превоз ќе продолжи да функционира до 20:00 часот, согласно одлуката на Влада на РМ за продолжување на одлуката за забрана на движење на населението во период од 20:00 до 5:00 часот, заклучно до 27 април 2021 година. Од ЈСП информираа дека билетарниците и центрите за персонализација ќе работат од 7:00 до 18:30 часот.
Комисијата за заразни болести наредниот понеделник ќе ја разгледа епидемиолошката ситуација и согласно индикаторите треба да даде препораки за продолжување или олабавување на мерките за заштита.
Во меѓувреме Институтот за јавно здравје регистрира намалување од 24,3 отсто на бројот на позитиви случаи на КОВИД-19 во земјава во изминатата недела. Намалување има и кај бројот на смртни случаи, пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, што е за 25,4 отсто помалку во однос на минатата недела. Процентот на позитивни случаи од вкупно тестирани се движи од 15,3 до 27,9 отсто или во просек 22,6 отсто. Доминантен сој кај примероците што се земени од заразените е британскиот.
Од Главниот координативен кризен штаб пред два дена најавија дека во случај на потврдување на трендот на опаѓање, ќе биде разгледана можноста за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.
Ќе се разгледа можноста во периодот од 27 април (вторник), заклучно со 15 мај (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа во отворениот дел, забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден, како и да се дозволи организирање на спортски тренинзи во фитнес центри/клубови на отворен простор и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.