Националната алијанса за ретки болести инсистира овие лица да бидат ставени во приоритетните групи за вакцинација против Ковид-19. Тие уште пред три недели пратиле допис до Влада од каде им било одговорено дека секако ќе бидат земени во предвид како приоритетна група, но без дефинирана временска рамка.
Лицата со ретки болети посочуваат дека се ранлива и критична група бидејќи се работи за болести што се доживотни и животозагрозувачки, а здравствената состојба им налага дека е најдобро е да бидат вакцинирани и заштитени.
Министерот за здравство Венко Филипче на прашање зошто меѓу приоритетните групи не се најдоа лицата со ретки болести, тој одговори дека пред сѐ на приоритетните листи биле луѓе кои што биле вработени во институции.
– Веќе од следната недела ќе има навистина голема количина на вакцини на располагање. Затоа апелиравме и за трпение и за разбирање, сепак беа во приоритетните листи луѓе коишто беа вработени во институции, луѓе коишто ја менаџираат кризата и така ги правевме распоредите, дури и не сите од тие институции, изјави Филипче. Тој дополни дека во следниот период ќе има доволно вакцини и сите ќе бидат земени предвид.
Од Националната алијанса за лица со ретки болести споделуваат дека веќе повеќе од година, поради ситуацијата, седат изолирани и се чуваат, како што велат, веројатно три пати повеќе отколку генералната популација, баш од страв бидејќи не знаат што можат да очекуваат од вирусот. Оттаму бараат 2.000 вакцини со цел нивното стравување да престане.
– Се понудивме, иако Министерството ги има во регистар лицата со ретки болести, повеќе од 500, баравме нели, доколку некој не е полнолетен, бидејќи вакцините не се одобрени за деца, тогаш родителите да примат вакцини како лица што се грижат за тие пациенти. Возрасните пациенти исто така, би сакале да си добијат вакцина за да бидат заштитени, и баравме околу 2.000 дози да бидат обезбедени за нашата група, затоа што, пак ќе речам, надвор од тој регистар, ние, меѓу нас во здруженијата имаме податоци, но, не знам како тоа ќе биде прифатено од надлежните институции, бидејќи не се сите пациенти со ретки болести впишани во регистарот затоа што во регистарот се пишуваат примарно оние за кои што има можност да добијат и терапија, затоа што за голем дел од ретките болести не постојат терапии, па пациентите не гледаат зошто би аплицирале да бидат дел од тој регистар, велат оттаму.
Како што информираше министерот Филипче, денеска стигнуваат 10.000 вакцини од „Фајзер“ а се очекуваат и 200.000 кинески вакцини.