Во Македонија пушат цигари 46 проценти од возрасните лица од 15 до 64 години , од нив 54,1 процент се мажи. Кардиоваскуларните болести се одговорни за над 50 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија. Во земјава од срцев удар повеќе умираат мажи, додека од мозочен удар повеќе умираат жени, велат од Институтот за јавно здравје.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека употребата на тутун придонесува за 12 проценти од смртните случаи кај срцевите заболувања. Филипче прашан во однос на владината одлука за либерализација на законот за пушење, рече дека во законот е променета само дефиницијата со која се регулира пушењето надвор од затворени простории, пред угостителските објекти.
– Мое лично мислење како непушач е дека треба и понатаму активно да работиме на промовирање на кампањи за подигање на свеста од штетноста од пушењето. Во целосна координација сме со канцеларијата на СЗО и имаме сериозна поддршка од регионалната директорка Сузана Јакоб, рече Филипче.