Откако гинеколозите се заканија дека ќе прекинат со прегледи ако не им се зголеми капитациониот бод и истиот беше зголемен од 50 денари на 55 денари, сега на министерот за здравство Венко Филипче му се закануваат матичните лекари.
На нив тој исто им вети зголемување на капитационот бод, поточно средствата што ги добиваат од Фондот за здравствено осигурување по пациент. Сега тие добиваат 55 денари, а во програмата СДСМ ветува покачување на 90 денари, а истото не е ниту на повидок.
Исто така им беше ветено дека пациентите ќе се префрлат на приватната здравствена установа, што значи средствата ќе одат на сметка на установата со што ќе се обезбеди стабилност на приватните здравствени установи.
Од Здружението на приватни лекари велат дека во периодот кога тие би штрајкувале за да го искажат револтот што министерството не ги исполнува барањата, а истите се ветени, ќе се враќаат само хронично болните. Тие на кои им е потребна итна помош или се акутни случаи ќе бидат примени и препратени на соодветен специјалист.
Претседателката на Здружението, Лилија Дервишова Чолакова за порталот СДК.МК вели дека финалната одлука за тоа дали ќе има штрајк или не ќе ја донесе Управниот одбор на Здружението во недела.
Како и да е, од ветувањата на СДСМ како и на актуелниот министер Филипче, му изминуваат стоте дена на оваа функција, а речиси ништо не е исполнето. Меѓу другото покачување на капитационен бод беше ветен и за стоматолозите, но не е реализирано ниту ова. Тие добиваат 40 денари по пациент, а ветено им е 70 денари.
Здружението на матични лекари се подготвува за штрајк, односно еден ден од наредната недела нема да издаваат рецепти за хронични болести.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека нивните тела по градовите веќе имале состаноци и дека повеќето се изјасниле на овој начин да искажат револт, што никој не ги решава проблемите со кои се соочуваат. Таа кажа дека во недела ќе имаат состанок на Управен одбор на здружението, на кој треба да гласаат за штрајкот и како тој ќе се одвива.
-Идејата е еден ден да не примаме хронични пациенти и да не издаваме хронична терапија. Сè што е акутно и итно ќе го прегледаме и ќе го препратиме каде што треба. На овој начин сакаме да го искажеме револтот што тројца министри за здравство по ред останаа глуви на нашите барања, вели Чолакова Дервишова.
Таа објаснува дека од новиот министер Филипче добиле само ветувања за префрлање на пациентите на приватните здравствени установи, но дека останало само на ветување без конкретни промени.
Имаше ветување дека пациентите ќе ги префрлат на приватната здравствена установа, односно ако некој лекар си замине да може по автоматизам пациентите да ги префрлиме на новиот што ќе дојде, како што е во случајот кога некоја докторка ќе отиде на породилно. Сега пациентите сè уште се водат на матичниот лекар и ако некој си замине од тимот, автоматски се губат тие пациенти и сите одново треба да ги пријавуваме и да ги внесуваме. Ова наједноставно може да се направи со промена на правилникот на ФЗОМ, а трајно да се реши со промена на член 32 од Законот за здравствена заштита, вели Чолакова Дервишова.
Таа кажа дека бараат и зголемување на капитациониот бод, односно капитацијата од 55 денари по пациент која сега ја добиваат од Фондот за здравствено осигурување, како и да се одреди пакет на услуги што може да го добијат пациентите. Според матичните лекари потребно е да се донесе и Законот за докторска дејност, со кој ќе им се гарантира одредена сума како основна плата, бидејќи тоа е неопходно за да можат матичните лекари во источна Македонија да работат.
-Во Источна Македонија сега имаме колеги кои имаат многу малку пациенти, оти реално нема доволно население и тие не можат плата за себе да извадат. Сметаме дека треба да се даде одреден пакт на услуги за пациентите, односно да се знае колку пати во месецот еден пациент може да дојде, и колку пати може да добие ЕКГ или други услуги, вели Чолакова Дервишова.