Комисија од стручни лекари од денеска ќе го испитува случајот за смртта на родилката Елизабета Савиќ Динева. По налог на министерот за здравство, треба да ја проверат целокупната медицинска документација за 30 годишната гевгеличанка која пред 5 дена почина на КАРИЛ а била породена во болницата во Гевгелија.
По извршениот надзор во гевгелиската здравствена установа каде Државниот санитарен и здравствен инспекторат го проверрувал целокупниот третман на родилката од приемот до излегувањето од болница, инспекторите денеска се и на Клиниката за Неврологија каде Динева била однесена со Брза Помош. Таму ја задржале само неколку часа се до влошување на состојбата, по што била префрлена на Клиниката за анестезија и реанимација. Од ДСЗИ ќе одат и на КАРИЛ каде родилката починала по две недели поминати во кома.
Инспекторите го проверувале и здравствениот картон на Динева кај матичниот гинеколог, за да утврдат дали имала уредна бременост и дали биле евидентирани и други заболувања. Матичниот е еден од двајцата гинеколози против кои обвинителството покрена обвинение за смртта на Маја Кадиева која пред три години почина во гевгелиската болница за време на царскиот рез.
Во очекување на обдукцискиот наод кој треба да ја покаже причината за смртта на Елизабета, од семејството се сомневаат на пропусти во болницата во Гевгелија.
-Имаше уредна бременост и немаше никакви компликации. Од болницата повеќе од два дена чекавме за отпусно писмо, вели Александар Динев, сопруг на починатата Елизабета Динева