Докторско незнаење најверојатно е причината што трите деца дијабетичари можеле за завршат фатално. Според последните информации, децата сега се враќаат во нормала, но докторите се уште стравуваат по нивното здравје. Како што алармираат од Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК, станува збор за 4 – годишно дете од Свети Николе, 9 – годишно дете од Гевгелија и 14 – годишно дете од Охрид. Последното било во најтешка состојба, сместено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ.

Од Асоцијацијата бараат решавање на проблемот со кои се соочуваат децата со дијабетес.

Од Асоцијацијата велат дека трите деца имале дијабет тип 1, но матичните лекари, според нив, не ги препознале симтомите.

Од Клиниката за детски болести велат дека првиот пациент бил примен на 17 јули и станува збор за дете на возраст од три години, кое е упатено од матичен педијатар по направени првични анализи кои укажувале на дијабет. По неколку дена детето е пратено дома. Двете останати, она од Гевгелија и од Охрид, биле задржани в болница.

Лекарите велат дека прават се за 14-годишниот пациент од Охрид примен во тешка состојба, да биде добро. Велат дека ова не е прв пат на Клиниката за Детски болести да се примаат пациенти со дијабет кои се во тешка состојба.

Во моментов институциите утврдуваат дали има пропуст во стручноста во водењето на трите деца со дијабетес тип 1, од Свети Николе, Гевгелија и Охрид, кои во состојба на кетоацидоза се примени во Клиничкиот центар во Скопје.