Струшките дијабетичари кои користат инсулинска терапија реагираат на неквалитетен инсулин и апарати за мерење на шеќер во крвта. Иво Дукоски, претседател ма Здружението на дијабетичарите од Струга укажува на променетиот квалитет на лекот кој ги загрижува граѓаните кои се на инсулинска терапија.
„И јас го имам истиот проблем, каде при боцкање мене ми покажува висока вредност. Дали е до апаратчето или нешто друго, но ми покажува висока вредност на квалитетот на инсулинот и во Медицинскиот центар кога ќе давам крв. Но штом покажува висока вредност при боцкање, нешто не е во ред. Треба да се преземе нешто“ – напоменува Иво Дукоски, претседател на Здружение на дијабетичари, Струга.
Но дијабетичарите до своето Здружението не се жалат само на инсулинската терапија, туку и на лошиот квалитет на апаратчињата за мерење шеќер во крвта, вели Дукоски. Додава дека апаратчињата се катастрофални. Сите кажувале различни вредности.
„Вредноста да е една единица не е проблем, но покажува огромна вредност до десет разлика. Мора под итно да се сменат тие апаратчиња и да ни се дадат поквалитетни апаратчиња“ – реагира Дукоски.
Од струшката болница пак информираат дека моменталната состојба е добра, и дека испорачани се сите видови инсулински терапии. Се надеваат дека пациентите наскоро ќе почнат да добиваат поквалитетни апарати и ленти.
„Уште јули и август се врши испорака на стариот тендер на апарати. Така да од септември има нов за апарати. Од следниот се надеваме дека на подобар тендер, подобар избор е направен. За квалитетот на инсулин од Министерство за здравство прво се прави проверка на инсулинот, па потоа дава одобрение и потоа се пуштаат до центрите“ – информираат од болничката аптека.
Инаку во овој град загрижува и бројот на ново откриени дијабетичари. Најмалиот струшки пациент е само на десет месечна возраст. Вкупниот број е околу 9.000, од кои 2.000 дијабетичари се на инсулин.