Во текот на вчерашниот ден министерот за здравство, Венко Филипче ја посети прилепската болница „Борка Талески“, после посетата, разговорите со одговорните од оваа институција се сведоа на многу стрпете се, ние ЌЕ донесеме, ЌЕ обезбедиме, како и уште еден куп разно – разни други ветувања, ама сето тоа откако ќе влеземе во ЕУ. Со што е крајно нефер, да се игра со чувствата на докторите кои секојдневно борба водат за да ги опслужат и да се грижат за сите пациенти кои ги има во оваа болница, како и со чувствата на пациентите на кои им се ветува дека ЌЕ има повеќе персонал да се грижи за нив а тоа во овој момент не е точно. Тоа е лага која се пласира за да се држат и пациентите и докторите во неизвесност и да бидат на граница на условеност поради остварување на посакувани цели од страна на министерот, а во овој момент и владата, а тоа е референдумот.
По медиумите како изјава проструи следната вест за посетата на прилепската болница и тоа како ја доживеал посетата министерот, како граѓаните на Прилеп, односно тие директно инволвирани и загрижени за состојбата во болницата „Борка Талески“.
Во изјавата за медиумите, министерот посочи дека со директорот на болницата, Драги Богојески и со градоначалникот Илија Јованоски, како колега од здравствената фела, разговарале за проблемите со кои се соочуваат лекарите во својата работа, но најмногу за потребите на болницата во однос на кадарот, опремата и инфраструктурното подобрување на болницата.
„Разговаравме за потребите од дополнителен кадар, најмногу за доктори и медицински сестри. Одредена бројка е веќе дозволена од Министерството за финансии, како што впрочем во сите здравствени установи во земјата, од јануари досега се примени 2.200 луѓе. Разговаравме и за потребата од специјализации, а после измената на Програмата за специјализации донесена на последната седница на Влада, прилепската болница ќе ги добие потребните специјализации, врз основа на процената какви кадри недостигаат. Со меѓународни финансиски институции, правиме процена кој дел во болниците треба инфраструктурно да се подобри, а разговараме за тоа прилепската болница целосно да се реновира, во смисла на тоа да се замени фасадата и да стане енергетски ефикасна“, изјави министерот Филипче.
Министерот за здравство потенцираше дека во моментов државата се соочува со недостиг на медицински кадар, а голем проблем претставува и недостигот на ментори за одредени специјалности. Од тие причини, како што рече Филипче, се размислува за повеќе модели, меѓу другото и за тоа како да се задржат постарите доктори на работа, за да ги едуцираат нивните помлади колеги.
Драги Богојески, директор на прилепската болница „Борка Талески“, рече дека болницата се соочува со недостиг на кадри во сите одделенија, а проблем претставува и старосната возраст на персоналот, заради голем дел од нив се наоѓаат пред пензионирање.
„Се надеваме дека заради недостигот од лекари, дел од нив ќе останат да работат уште некој период. Имаме недостиг во речиси сите одделенија, во очно, гинеколошко, хирургија, за скоро време така ќе биди и во ортопедското одделение. Не знам како ќе оди надминувањето на тој проблем, слушнавме од министерот дека во таа насока се прават одредени организациски пристапи. Во однос на опремата, од донација добивме колоноскоп, кој навистина ни недостигаше, а добивме и мобилен рендген апарат за потребите на ортопедија. Се опремивме и со пациент монитори, со апарат за анестезија, плазма стерилизатор, а во процедура е набавка на опрема за физикална терапија“, истакна Богојески.
Додека министерот ветува, дава ветувања и нема никаква реализација дел од граѓаните почнаа да ги пробиваат веќе познатите шеми на Филипче, па веднаш започнаа со свои коментари по социјалните мрежи.
“Денес, министерот за здравство Венко Филипче, ги удостои прилепчани со посета на градската болница. По посетата, констатирано е дека во прилепската болница НЕМА ШТО НЕМА! Нема доктори специјалисти (минимум околу триесетина), НЕМА медицински персонал, НЕМА дезинфекциони средства, НЕМА анестетици, НЕМА лекови (пациентите сами си ги купуваат), НЕМА серуми, НЕМА инјекциона терапија, НЕМА санитетски возила, НЕМА опрема, НЕМА добра инфраструктура, НЕМА веќе ниту стари ќебиња за џогирање на подовите, НЕМА хартијаааа … да не должам, НЕМА ШТО НЕМА. И, да не заборавам, што е најважно, НЕМА недостаток на технички персонал и администрација кои, се разбира, се од неизмерна важност по нашето здравје!
Нејсе! „Загрижениот“ министер Филипче, ги утешил директорот на болницата и градоначалникот дека состојбата, според него, е добра во болницата и ги израдувал дека ситуацијата ќе биде многу подобра откако Македонија ќе влезе во НАТО, за околу година и половина до две, до три … Згора на тоа, со покачувањето на платите на здравствените работници од 5% се очекувало „прилив“ на специјалисти од странство односно враќање на нашите, кои ја напуштиле Македонија и задржување на сегашните, согласно предизборните ветувања на владата.
А нам, пациентите, ни останува да се молиме да не треба да ја „посетуваме“ болницата и да се молиме, на постоечкиот медицински персонал и доктори, Бог да им дарува здравје и сила да издржат во условите во кои работат грижејќи се за нас. Секоја Ви чест херои!”