Откако во медиумите се пренесе веста дека триесет и девет годишна родилка на ГАК се обиде да си го одземе животот фрлајќи се од првиот кат на клиниката, доктор Ненад Лазаров преку својот фејсбук профил посочи дека постпородилната депресија е нешто на што исклучително малку или воопшто не му се посветува внимание.
– Психолошката состојба на родилките, првенствено постпородилната депресија е нешто на што исклучително малку или воопшто не му посветуваме внимание како здравство и како општество. Не смее да се занемари и сопругот и неговата поддршка и учество во целиот процес, од самата бременост па се до раѓањето и пуерпериумот, кој има круцијална улога за менталното здравје на родилката, особено во првите денови по раѓањето. Иако за среќа не е честа појава, постпарталната психоза оправдано се смета за здравствена итност, се случува 0.09 до 2.6 од 1000 раѓања, а неретко резултира со обиди за суицид, доста често во позадина има претходна психичка состојба, вели доктор Лазаров.
Директорката на ГАК, Др. Викторија Јовановаска, пак, информираше дека пациентката се наоѓа на интензивна нега во многу критична состојба.