Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Министерството за здравство ги презема набавките на најскапите лекови Онкологија, Хематологија, Детска Клиника и Ревматологија и дека со оваа групна набавка на најскапите лекови очекуваат да заштедат 20 до 30 отсто од средствата, кои сега клиниките ги трошат за набавка на оваа терапија. Тој објаснува дека овие клиники веќе се согласиле набавката да оди преку Министерство за здравство.
„Идејата е со групна нарачка да имплементираме критериуми кои ќе ни донесат заштеда, а понатаму ја еволуираме можноста со средствата кои ќе ги заштедиме да донесеме нови лекови, кои веќе се користат на европскиот пазар и во САД и даваат добри резултати. За централната набавка законски измени не треба. Во моментов ги земавме буџетите на клиниките и да видиме што со тие средства може да направиме за да ги донесеме новите лекови. Ако е потребно дополнително ќе бараме од Фондот за здравствено осигурување дали може да даде плус средства за набавка на новите терапии“, вели Филипче.
Со оваа идеја министерот за здравство не презентираше ништо посебно или некаква остроумност, едноставно им ги зема ингеренциите на клиниките да ги набавуваат овие скапи лекови и ја намалува можноста за манипулација или криминални дејанија кај клиниките, но воедно си создава можност за договор со најдобрите фармацевтски компании според него и неговиот избор и остава простор и можност тој лек што него најмногу „ќе му се исплати“ од фирмата која „најмногу е докажана“ на пазарот да го порача лекот и истиот да го добави за македонските пациенти и граѓани. Дали и до кога на овој начин ќе се манипулира македонската јавност и ќе се посочува дека некој нешто прави посебно за нив кога во пракса тоа е само една голема бела лага, на крајот пак профитот ја игра главната улога.
Филипче најави дека планираат во Македонија да донесат биослични лекови, кои се користат во Европа и во САД, како значително поевтини.
„Биослични лекови, кои се значително поевтини, особено оние кои ги заменуваат лековите на кои им поминува патентната заштита. Се разбира само оние лекови за кои има докази дека може да ги заменат лековите со патентна заштита. Со сите овие чекори се надеваме дека многу брзо ќе донесеме нова терапија за нашите пациенти“, вели Филипче.
Од идеја до реализација треба да се помине многу, граѓаните чекаат веќе цела година нешто да појде од мртва точка во министерството за здравство и ФЗОМ, од овие погоре презентирани идеи македонската јавност не може многу да се израдува бидејќи тоа се само идеи, нафрлени, дадени и со цел да тој што ги презентира добие политички поени, поени кај пациентите, кај своите претпоставени дека нешто се прави.
Како што посочија граѓаните во една анкета, не значи дека ако некој е добар невро-хирург дека ќе биде и добар министер и добар менаџер, тоа не е исто! Дали нешто драстично се сменило за пациентите и македонските граѓани после ваквите изјави на министерот за здравство Венко Филипче, не веруваме, промените кога се случуваат граѓаните ги осеќаат, не им се раскажува за нив!