На сите жители на Ченгду, главниот град на југозападната кинеска провинција Сечуан, им е наредено да не ги напуштаат своите домови од 18 часот денеска, освен за задолжителното тестирање на Ковид-19, јавува Си-ен-ен.
Според строгите епидемиолошки мерки на властите во градот со над 15 милиони жители, домаќинствата може да испратат едно лице со негативен тест во текот на денот да купи продукти, а жителите со итни барања, како одење на лекар, се предмет на одобрување на комисијата на куќниот совет.
Сите бизниси се затворени, освен супермаркетите, аптеките и болниците, пренесува медиумот.
Новите мерки го одразуваат инсистирањето на Кина на таканаречената политика на нулта толеранција кон коронавирусот, која има цел да ја потисне секоја појава во рана фаза.
Ченгду пријави 156 случаи на Ковид-19 во средата, со што вкупниот број на случаи се искачи на повеќе од 700 во изминатата недела, според Си-ен-ен.