Медицински сестри предвреме биле вракани на работа од годишен одмор, на други пак не им се дозволувало одморот да го користат во јули поради недостиг на ваков кадар во клиниките и болниците низ Македонија. Повеќе вакви реакции изминатиот период стигнале до Унијата на медицински сестри, техничари и акушерки. Според нив законското право на овој здравствен персонал целосно им било оневозможено. Од друга страна дополнителен проблем е што и оние сестри кои останувале на работа работеле 24 часовни дежурства и во смени со само еден слободен ден, а трудот не им бил соодветно платен, велат од здружението “За нас”.
-Вишокот работни часови и работата во дежурства не се дефинирани дали ќе бидат исплатени по основ на дежурства, на ноќна работа или пак преку слободни денови за кои не се знае дали ќе може да ги искористат поради дефицитот. Голем дел од медицинските сестри се повикуваат да ги прекинат и веќе започнатите годишни одмори и да се вратат на работа. Правото на користење годишен одмор согласно сопствените потреби им е целосно оневозможено бидејќи дополнително се условени и во кој период истиот може да го искористат, изјави сестра Горданка Бешлиовска, претседател на ЗМСТА- ЗА НАС и Унијата на ЗМСТАСЛ.
За проблемот со ускратеното законско право за годишен одмор од Унијата го известиле министерот за здравство и очекуваат надлежните да изнајдат соодветни решенија за да го заштитат кадарот кој масовно си оди од државата и работи во странство.