Во многу региони, особено во руралните средини, жените немаат матичен гинеколог иако бројот на доктори во споредба со бројот на жители е во линија на Европската унија, рече Елизабета Божиновска, програмска директорка на невладината ХЕРА, на панел дискусијата за гинекологија и акушерство на годинешното издание на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“. Таа кажа дека последните две години е намалена доенечката смртност, но дека во однос на просекот на ЕУ сѐ уште е висока, а тоа покажува каков е квалитетот на животот во земјата.
Според неа, поголем проблем е што половина од матичните гинеколози се на возраст од 50 до 60 години и ако не се преземат мерки земјата може да се соочи со сериозен проблем, а загрижувачки е и малиот број на акушерки.
„Добро е што беше донесен новиот закон за прекин на бременоста, но системот и натаму треба да се унапредува. Има региони каде воопшто нема гинеколози, како што се Демир Капија, Крушево и Демир Хисар. Постојат краткотрајни и долготрајни мерки, како да се искористат и семејните доктори, но и гинеколозите од болниците за да се надмине овој проблем. Исто така, треба да се позанимаваме и со незаконската наплата на партиципација од дел од матичните гинеколози, што особено за жените од ранливите групи е проблем“, рече Божиновска.
Недостигот од гинеколози таму каде недостигаат многу скоро ќе се реши со тоа што од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) лекарите од болниците ќе добијат овластување да бидат и матични лекари, со тоа што ќе одат во здравствените домови и преку систем на ротација ќе даваат здравствени услуги, рече министерот за здравство Венко Филипче.
„Сега во здравствените домови не може да се вработи гинеколог, а во одредени нема ни соодветна опрема. Наскоро за таму каде недостига ќе набавиме опрема за да може болничките гинеколози да даваат соодветни услуги и тоа треба да профункионира од септември. Со педијатрите, пак, тоа може уште веднаш да се направи“, рече Филипче.