Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конфереција истакна дека неодговорноста на СДСМ кон здравството деновиве кулминирала.
Тој посочува дека во текот на вчерашниот и завчерашниот ден повеќе од 24 часа на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје не функционирал одделот за хематологија, а децата беа принудно префрлани на други оддели.
-На одделот за хематологија се лекуваат специфични болести на крвта. Тие болести бараат специјален третман, што вклучува изолација. Детската клиника сервисира голем број на пациенти и истата не смее да се дозволи да биде во нефункционална состојба. СДСМ едно ветуваше од опозиција, друго прави од позиција на власт. Граѓаните и здравствениот персонал очекуваат од СДСМ да ги оствари ветувањата за здравството. Наместо остварување на ветувањата имаме целосна безидејност и неработливост, вели Николов.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека Министерството за здравство мора да обезбеди услови за нормално функционирање на здравствените установи.
-Здравствените установи и здравството во целост се оставени сами на себе. Власта не оствари ниту едно од предизборните ветувања. Нема поголеми плати за лекарите и медицинскиот персонал, има недостаток на лекови за ретки болести и инсулин, медицинските апарати не се сервисираат редовно и истите честопати се нефункционални, а зaменувањето и исчезнувањето на бебиња од ГАК стана наше секојдневие. Сето ова кулминираше со затворање на еден важен оддел на Клиниката за детски болести, нагласува тој.
Николов додава дека здравството станало целосно нефункционално, бидејќи едно се ветувало, а друго се прави.
-Имено во буџетот за 2018 година предвидоа покачување за 20% на дневниците на функционерите на владата, додека за лекарите специјалисти само 5% или точно 1.500 денари и тоа од септември 2018 година. Целосно заборавајќи на останатиот медицински персонал, медицинските сестри и техничари, кој се неопходни за еден здравствен систем. Токму тоа е причината што сега повеќе делови од здравствениот систем запаѓаат во проблеми и не можат да функционираат.Тоа е причината, што наместо напори за задржување на здравствените работници, се забрзува нивниот егзодус, а манипулациите и реваншизмот на СДСМ само доведуваат до целосна демотивираност и апатија на оние доктори, специјализанти, медицински сестри и техничари кои што и понатаму остануваат во здравствените јавни здравствени институции. Зарем ова е животот што го ветуваше СДСМ, зарем на овој начин ќе ја вратиме довербата во здравствениот систем и ќе ги задржиме лекарите во земјата, прашува Николов.