Вирусот на западно-нилската хеморагична треска зафати 100 лица во Грција, од кои 11 се во изминатата седмица, а починаа 13 лица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје. Првиот потврден случај за 2023 година во Грција беше регистриран во средината на јули, а новите податоци се заклучно со вчерашниот ден. Потврдените случаи се во северниот и централниот дел на земјата.
Од ЕОДИ во соопштението потсетуваат дека во тековното лето, до 30 август, освен во Грција, случаи на Западен Нил биле потврдени и во Македонија, Србија, Италија, Франција, Романија, Унгарија, Германија и Шпанија.
Вирусот Западен Нил во Грција беше регистриран во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до 2022 година. Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција биле регистрирани 286 случаи, а од Западен Нил починале 33 лица.