Мајката на претепаното 14 месечно бебе е во Шелтер Центар а малото девојче по излегување од болница ќе оди во згрижувачко семејство. Ова го потврдија од скопскиот центар за социјални работи од каде велат дека 20 годишната девојка досега не била евидентирана ниту како сторител ниту како жртва на семејно насилство. И социјалните работници се зачудени зошто не побарала помош од нив кога лекарите констатираа дека детето има и постари повреди кои не биле медицински третирани.
-Првенствено, улогата на Центарот е целосна заштита на детето и затоа тоа ќе биде згрижено место се додека не заврши постапката за утврдување на виновникот но и до негово целосно закрепнување. На детето му е одреден старател кој контактира со лекарите во скопските клиники, вели Наташа Станојевиќ, директор на Меѓуопштински центар за социјални работи
Од Центарот велат дека мајката постојано е во придружба на социјален работник, со кој, како што дознаваме денеска била и на распит во полиција. Но и по четири дена од обелоденување на случајот истрагата заглави и се уште не е откриен виновникот за бруталното тепање на бебето. Од МВР велат дека сеуште работат на случајот. Додека полицијата утврди кој ќе одговара кривично, постапка по сопствена иницијатива денеска отвори и Народниот правобранител.
-Отворивме постапка за да ги следиме постапките на институциите но треба да се испита и постапката на надлежните. Ваквите случаи потврдуваат дека службите недоволно работат со семејствата за да може да се превенираат вакви случаи, вели Васка Бајрамовска, заменик народен правобранител.
Покрај правобранителот, реагираше и невладината ХЕРА од каде прашуваат зошто трагите на насилство не ги видел никој пред бебето да заврши на Ургентен.
Апелираме до надлежните институции – односно, социјалните служби, полицијата, Основното јавно обвинителство – да соработуваат меѓу себе и конечно да почнат да реагираат пред да одекнат вестите во медиумите, велат од ХЕРА
Во тешка состојба со крварење во мозокот и скрешеници на черепот, 14 месечното бебе во саботата беше хоспитализирано на КАРИЛ. Четири дена подоцна лекарите велат дека неговата состојба е подобрена и почнало да јаде. Но сеуште незнаат дали и какви последици ќе има од сериозните повреди.