Децата со посебни потреби да добиваат додаток за мобилност, слепило или глувост кога ќе станат полнолетни,а не како досега само после 26-тата година, бараат нивните родители. Инсистираат и возрасната граница за негата од трето лице да се спушти на 18 години. Сега овие лица до 26 години добиваат само посебен додаток од 4300 денари.
-Според изборниот законик нашите деца се сметаат за полнолетни кога ќе наполнат 18 години, и поради тоа без разлика која и да е партија ни вика ќе дојдеме да ве земеме со кола да гласаат. Така и за додатокот за мобилност да се смета од 18 години, а не како сега од 26 години, изјави Горан Стојчевски,татко на дете со Церебрална парализа.
Стојчевски кој е татко на дете со Церебрална парализа инсистира лицата со различни попречености до крајот на животот да бидат ослободени од партиципација за прегледи и лекови, а не како сега да плаќаат после 26-тата година. Родителите бараат и државата да се грижи за децата со посебни потреби после нивната смрт.
-Бараме да бидат обезбедени нашите деца после нашата смрт, нашите домови да бидат искористени за мали групни домови, изјави Зоран Мијалков, татко на две деца со посебни потреби.
Сите овие иницијативи родителите преку Алијансата 5 до 12 ги доставиле до надлежните министерства за труд и социјала, здравство, образование и очекуваат дека ќе бидат исконултирани пред да се донесат законските измени. Денеска симболично после 1 година граѓански активизам за унапредување на правата на лицата со посебни потреби повторно поставија шатори во паркот спроти собранието.